„Егзит“ се сели од Србија, во игра се Црна Гора и Хрватска

585

Србија би можела да остане без фестивалот „Егзит“! Иако веќе се потврдени голем број настапи за следната година, фестивалот лесно може да се пресели од Петроварадинската тврдина во Умаг во Хрватска или во Црна Гора.

Како што дознава „Блиц.рс“, Србија може да остане без фестивалот „Егзит“ во Нови Сад, кој потенцијално може да го премести своето следно издание во Умаг. Ова би значело дека Истра следната година ќе биде домаќин на Дејвид Гета, Соломон, Нина Кравиц, Пол Калкбренер, Пол ван Дајк и многу други светски sвезди, чии настапи се најавени за 2021 година.






Како што неофицијално дознава „Блиц“, причината за преместувањето се финансиите и недостатокот на помош од државата, која не понудила никакво решение за „Егзит“ или за останатата музичка и забавна индустрија за време на епидемијата на коронавирусот. Губитокот што фестивалот го претрпе оваа година неофицијално е околу еден милион евра, а во текот на целата година за „Егзит“ работат околу стотина луѓе, кои би можеле да останат без работа. Во текот на самиот фестивал, бројот на вработени е неколку илјади.

Голем број земји се во игра за можното преселување на „Егзит“ од Србија, а најверојатно тоа ќе биде Црна Гора. Постои можност и за преселување во Хрватска, каде „Егзит“ инаку има еден од своите помали фестивали.

За „Блиц“ од „Егзит“ официјално соопштиле дека претходно добивале такви понуди, но дека сега ќе треба поинаку да им пристапат.

– Познат факт е дека со текот на годините добивме многу понуди да го преместиме „Егзит“ од Нови Сад и Србија во друга држава, бидејќи речиси секоја земја во светот би сакала да има еден од најголемите светски фестивали во својата туристичка понуда, што носи десетици милиони евра годишно за локалниот туризам. Ние досега категорично ги отфрлавме таквите понуди, затоа што сакаме да останеме и да го развиваме фестивалот во нашиот град и земја. За жал, тоа не зависи само од нас – велат од „Егзит“.

„Егзит“ беше одложен оваа година, но без помош на државата и спонзорите, тие сепак го одржаа проектот Life Stream, кој го следеа шест милиони луѓе ширум светот преку интернет. За следната година, некои од имињата што ќе настапат на фестивалот веќе се потврдени, но сега останува прашањето каде ќе се одржи најголемиот српски музички фестивал.

 

Поврзани содржини