Познатиот српски глумец Иван Бекјарев почина вчера на 74-годишна возраст од последици од коронавирусот.
Тој одигра голем број на улоги, а најмногу ќе го паметиме по ликот на славниот Стевица Курчубиќ во серијата „Подобар живот“.
Последната улога ја имаше во филмот „Беше еднаш во Србија“. Снимањето на филмот беше прекинато поради неговата болест, кога кон крајот на октомври беше позитивен на коронавирус. Здравствена состојба на Бекјарев се влоши пред 10 дена на Инфективната клиника во Белград.
Тој го опиша пеколот на коронавирусот низ кој поминувал:
– Ужасно сум, во болница сум и не се знае до кога ќе останам. На Инфективно сум, не можам да зборувам. Воопшто не ми е подобро – изјави тогаш Бекјарев.
Бекјарев е еден од најпознатите српски и југословенски актери со исклучително плодна и долга кариера, а одлично се снаоѓаше во сите жанрови на театарската, филмската и телевизиската уметност.
Снимил повеќе од 50 филмови во поранешна Југославија, Србија, Данска, Италија и други земји. Првата голема улога ја имаше во 1967 година во филмот „Боксерите одат во рајот“. Оствари бројни улоги во ТВ-драми и популарни серии како „Бањица“, „Отпишани“, „Подобар живот“, „Среќни луѓе“ и многу други. Најголемата популарност ја стекна толкувајќи ликови во култни ТВ-серии – Стевица Курчубиќ во „Подобар живот“ и Бошко Деспотовиќ во „Среќни луѓе“.
Во неговата исклучително плодна кариера се вбројуваат 150 театарски улоги.
Од основањето, тој беше редовен професор по глума на Академијата за уметност во Белград.