Ќе се вдомат повеќе од 120 административци, дали ова е дел од планот за 800 нови вработувања?

Се бараат кандидати за раководители, референти, соработници, помали соработници, архивари...

2,732

Не престануваат вработувањата во администрацијата и во јавните претпријатија. Општините, јавните претпријатија, но и други институции од средината на минатиот месец до сега имаат распишано огласи за вработување на повеќе од 120 државни службеници. Според огласите објавени на сајтот на Агенцијата за администрација се бараат кандидати за раководители, референти, соработници, помали соработници, архивари…

Во зависност од работното место платите се движат од 15.538 до 40.000 денари. Главно вработувањата се правдаат со плановите за вработување за 2020 година кои не успеале да ги реализираат до сега.






Меѓу општините предничи општина Струга која вработува 24 административци. Таму се бараат 13 Албанци, 9 Македонци, двајца Турци и еден од останатите заедници. Оваа општина лани имала вкупно 166 вработени. Во зависност од работното место платите се движат од 15.538 до 39.958 денари.

Куманово е зад неа и вработува 12 лица од кои 8 Македонци, 3 Албанци и 1 Ром, Платата во оваа општина се движи околу 25.000 денари.

Многу помал број вработуваат и општина Кавадарци која бара четири лица, а по три лица вработуваат општините Битола и Желино, додека Крушево, Аеродром и Дојран имаат оглас за прием на по две лица.

Вработувања ќе има и во општински комунални прептијатија, како и во општинското претпријатија за паркинг услуги во општина Центар.

Од државните јавни претпријатија најмногу државни службеници, според огласот, ќе вработи Железница инфраструктура каде што се бараат 15 лица. Според планот за вработување на ова јавно претпријатие се бараат 9 Албанци, 2 Македонци, двајца Турци и по еден од ромската заедница и другите заедници. Платата која им се нуди на идните вработени се движи од 19.067 до 27.378 денари.

Еден службеник вработува и Министерството за финансии, а Министерството за правда распиша оглас за матичните одделенија каде ќе вработи 15 лица и едно лице во инспекторатот за јазици. Министерството за локална самоуправа вработува 2 лица во Бироата за развој на регионите.

Во огласите за вработување ги има и здравствените институции кои вработуваат по неколку лица.

Така Клиниката за гинекологија Скопје вработува 10 лица главно административци, референти какви што кадри се бараат и за другите здравствени установи.

Со оглед на високите плати кои се нудат во скоро сите овие огласи за очекување е да има и голем број заинтересирани.

Дали со овие огласи почна најавениот бран од вработување на вкупно 800 административци, од кои 640 се резервирани за Албанци, а другите 160 работни места се за други етнички заедници ќе се види во следниот период.

Министерството за информатичко општество и администрација, како што изјавија за Плусинфо од таму, дало позитивно мислење на годишниот план за вработување за 2020 година на 607 институции. Врз основа на обработени податоци за 564 институции, севкупно се предвидени 7.277 работни места.

– Добивањето на согласноста од страна на МИОА или предвидувањето на работно место во годишниот план не значи со сигурност објавување на оглас, односно пополнување на работните места. Согласноста на годишен план единствено дава индикации на можност институциите да објават оглас за предвидените работни места доколку за тоа има потреба – велат од МИОА.

Поврзани содржини