Сегашната ирационалност во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија би требало да се надмине со што побрзо надминување на дефицитот во размената на културни вредности, изјави академик Луан Старова во интервју за бугарската Телевизија Европа.
– Во една позитивна атмосфера, да започне нова ера на взаемно разбирање и почитување и на инфраструктурно и институционално поврзување – вели Старова, оценувајќи дека сегашниот спор меѓу земјава и Бугарија е неразбирлив и неприфатлив.
Тој како позитивен пример во таа насока ги посочува заедничките проекти и соработка помеѓу Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и Бугарската академија на науките (БАН) од пред неколку години, како и соработката меѓу македонски и бугарски автори.
– Македонија помина една значајна етапа, постигна стабилна основа како членка на НАТО, каде што од претходно е и Бугарија. Македонија направи големи напори за да се приклучи на европските текови. И сега, наместо да започнеме една нова етапа од заеднички вредности, да се свртиме кон нештата кои не обединуваат, ние ќе се закопаме во минатото – додава академик Старова.
Според Старова, Бугарија не би требало да и прави опструкции на Северна Македонија, која има свои аргументи и се развива врз свои императиви.
– Географски тоа е нашата најблиска земја и ако не попречува кон ЕУ, тоа ќе биде штетен и обесхрабрувачки чин за многу генерации во Македонија, но и во самата Бугарија. Грешката ќе биде видлива по извесен период – додава Старова.
Тој нагласува дека земјава наследи доста позитивни аспекти од поранешната заедничка држава и го зацврсти својот идентитет, особено на полето на културата и литературата.
– На меѓународен план, Македонија беше една од првите земји, по распадот на Југославија, на која Бандентеровата комисија и го одреди правото да биде призната како нова држава – додаде Старова.