ПРИЛЕПЧАНЕЦ ФАТЕН СО КОКАИН – Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против Г.Т.(32) од Прилеп. Кај него, при преглед извршен на 17.07.2019 на бул.„Туристичка“ во Охрид, полициските службеници пронашле и одзеле кокаин.
ПРЕКРШОЧНИ ЗА 39 ПЕШАЦИ ОД ТЕТОВО И ОД ГОСТИВАР – Полициски службеници на СВР Тетово на 19.10.2020, во периодот од 8 до 13 часот, спровеле акциска контрола за прекршоци што ги прават пешаци во сообраќајот. При контролата вкупно биле откриени 39 прекршоци (Тетово-30 и Гостивар-9).
КАЗНЕТИ ПЕШАЦИ ВО ШТИП – На 19.10.2020 во периодот од 8 до 13 часот полициски службеници на СВР Штип спроведоа засилена акциска контрола на прекршоци што ги прават пешаците. Од извршената контрола, преземени се вкупно 34 мерки, a санкционирани се и 35 останати прекршоци.
ДИРЕКТОРКА НА ГРАДИНКА ВРШЕЛА НАБАВКИ БЕЗ ЈАВЕН ОГЛАС – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против В.Ј.(52) од Македонска Каменица, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”. Од 01.01.2017 до 31.12.2017 во Македонска Каменица пријавената, како директор на детска градинка, без да спроведе постапка за прибирање понуди и спротивно на чл.28 и чл.100 од Законот за јавни набавки, во повеќе наврати без одлука и спроведена транспарентна постапка, извршила набавка на стоки и услуги во вредност од над 500 евра во денарска противвредност, и тоа од повеќе правни лица во вкупна вредност од 271.649 денари, а во еден случај извршила делење на истородна услуга – превоз на деца, со што постапила спротивно на чл.27 ст.1 од Законот за јавни набавки и извршила набавка на услуга во износ од 35.047 денари. Со ова пријавената, без да спроведе тендерски постапки извршила набавка на разни стоки и услуги во вкупна вредност од 306.696 денари, со што повластила одредени правни лица да се стекнат со корист.
ПОШТАР УКРАЛ ТРИ ПЕНЗИИ – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Н.И.(59) од с.Лакавица, гостиварско, вработен како поштар во Гостивар, поради постоење основано сомнение за сторени три кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „фалсификување исправа“ и „проневера во службата“. Во декември 2019 пријавениот лично самиот потпишал налози за исплата на пензии за декември 2019 година, со што извршил фалсификување на потпис на платните инструменти – налог за исплата на готовина ПП-40 на три лица и притоа постапил спротивно на точка 66 од Упатството за вршење на платен промет во земјата. Со ваквото дејствие, пријавениот присвоил пари кои му биле доверени во службата и се стекнал со противправна имотна корист во износ од 31.841 денари, на штета на С.С., Ф.Ќ., двајцата од с.Беловиште, гостиварско, и И.Р. од с.Лакавица, гостиварско.
ВО СТРУМИЧКА КАФЕТЕРИЈА СЛУЖЕЛЕ ГОСТИ БЕЗ ДЕЗИФИЦИЕНСКИ – СВР Струмица поднесе кривична пријава против правно лице од Струмица и И.В.(45) од Струмица, управител на наведеното правно лице, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 26/27.09.2020 пријавените постапиле спротивно на протоколот за отварање и работа на кафетерии и угостителски објекти за исхрана, така што на повеќе стоечки маси, околу кои биле присутни повеќе лица, без да има доволно столици за сите, било извршено послужување, а на сите маси немало дезинфекциски средства и не се носеле заштитни маски на лицето.
КИЧЕВЕЦ ИСТЕПАН ВО ОБИД ДА СПРЕЧИ ТЕПАЧКА – На 19.10.2020 година во 18.30 часот, пред угостителски објект на бул.„Ослободување“ во Кичево, било пријавено нарушување на јавниот ред и мир со физички напад извршен од Х.К.(56) и Л.К.(23) врз Л.Х.(20), сите од Кичево. Според пријавеното, во обид да го спречи нападот бил физички нападнат и Б.Х.(22) од кичевското с.Боговиње. По целосно расветлување на случајот, ОВР Кичево ќе поднесе соодветна пријава.
ФИЗИЧКИ НАПАДНАТ КРУШЕВЧАНЕЦ – На 20.10.2020 во 5 часот во Полициската станица Крушево, У.Б.(25) од Крушево, пријавил дека околу полноќ чво Крушево бил физички нападнат од Х.М.(28) од Демир Хисар. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
ТЕПАЧКА ВО ТЕТОВО – СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.М.(42) од с.Боговиње, тетовско, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 24.06.2020 во с.Боговиње, Ќ.Б. (58) од с.Боговиње, по претходна расправија, бил физички нападнат од пријавениот.
ПОЧИНА ЗАТВОРЕНИК ВО СКОПСКИОТ ЗАТВОР -На 19.10.2020 во 6.50 часот било пријавено дека во Затвор Скопје бил пронајден починат И.С.(52) од Скопје. Од страна на лекар од Итна медицинска помош била константирана смрт без траги на насилство. По наредба на Јавен обвинител телото е предадено на обдукција.
ПОВРЕДЕН СКОПЈАНЕЦ ВО СООБРАЌАЈКА НА ПАРТИЗАНСКА – На 19.10.2020 во 13.15 часот било пријавено дека во Скопје, на бул.„Партизански одреди“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фиат“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на МВР, управувано од С.Ф.(33) од Скопје и патничко возило „фолксваген“, со скопски регистарски ознаки, управувано од И.З.(38) од Скопје. Во незгодата С.Ф. се здобил со повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Скопје.
КАЈ НЕГОТИНЕЦ ДОМА НАЈДЕНО ОРУЖЈЕ И МУНИЦИЈА – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Велес поднесе кривична пријава против М.С.(58) с.Корешница, неготинско, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали“. На 23.04.2020 во с.Корешница, при претрес во домот на пријавениот, полициски службеници пронашле и одзеле две ловни пушки, воздушна пушка „томахавк виа A2“, десет куршуми и три патрони 16 мм и 22 куршуми калибар 16 мм.
ТЕТОВЦИ ДИЛАЛЕ МАРИХУАНА – СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.И.(28), Р.М.(27), Ш.Б.(30) и В.Б.(22), сите од Тетово, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 22.10.2019 во Тетово, на ул.„153“, полициски службеници при преземање на службени дејствија ги забележале пријавените, кои се дале во бегство, при што А.И. фрлил ќеса со марихуана.
ПИШТОЛСКА РАЗВРСКА ВО СООБРАЌАЈ – На 19.10.2020 во 19.12 часот било пријавено дека во Скопје, на подрачјето на Шуто Оризари, А.М.(19) од Скопје, поради недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од три лица, кои потоа извадиле пиштол и испукале неколку куршуми во воздух. Повредени лица од огненото оружје нема. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.