Јавноста деновиве беше сведок на шокантна вест која што проструи во медиумскиот простор, дека Градската општа болница „8-ми Септември“ е пред финансиски колапс. ФЗОМ, според информациите кои се јавно достапни, должи финансиски средства за речиси 13.000 пациенти лекувани од ковид -19 во оваа болница, вели пратеникот Синиша Стојаноски.
– Дали неспособноста на ново-стариот министер за здравство Венко Филипче ескалира, и тоа уште на самиот почеток на новиот мандат? Дали во „новата нормалност“ Клиниките и болниците во Република Македонија се наоѓаат пред финансиски колапс? Освен што недостасува медицински кадар по здравствените установи, сега постепено излегува на површина и финансискиот дефицит. Недозволиво е ова што се случува во македонското здравство. Над 12.000 прегледи на болни со ковид-19 и над 2.000 излекувани пациенти, а ниту денар од државата за доскорешниот прв ковид центар во Република Македонија. Шест месеци ГОБ „8-ми Септември“ функционирала без префрлени средства од ФЗОМ, па затоа сега има потешкотии да ги набави основите материјали за нормално функционирање. На скандалите им нема крај. По ваков еден невиден скандал, Филипче го нема никаде да одговори зошто оваа елитна болница е доведена до работ на егзистенција? – рече Стојаноски.