Првиот воз за Грција преку пругата Битола – Кременица може да се очекува до крајот на годината
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска информира дека е при кај тестирањето на пругата.
Долгонајавуваната пруга од Битола до Кременица најверојатно ќе биде пуштена во работа до крајот на годината. Вакви се очекувањата на министерот за трнаспорт и врски Благој Бочварски кој денеска беше во Битола каде што изврши увид на изградба на инфраструктурни обејкти на општината.
Тој информира дека се вршат последните тестирања на новата пруга Битола – Кременица и очекува до крај на годината да се пушти во употреба. Дел од проектот е и изградба на железничка станица во Жабени, која исто така, ќе биде готова до крајот на годината. Планирано е пругата прво да проработи од Битола до Жабени, а потоа и до границата со Грција.
Тестирањето на електричната инсталација што го врши словенечка Искра е во тек, а тоа е последното пред официјалното пуштање во употреба на втората железничка врска на земјава со Грција.
Во градежниот зафат на оваа пруга се инвестирани околу 20 милиони евра обезбедени од Европската унија.
Кракот од Битола до пограничното битолско село Кременица, на самата гранична линија со Грција е во должина од 18 километри.
Пред неколку години и пругата од грчка страна е целосно обновена со пари од европските фондови, а сега е направено и поврзување со делницата од македонска страна. Крак со станица за претовар има и во индустриската зона „Жабени“ кај Битола, покрај која минува пругата.
За стопанствениците се уште е неизвесно како ќе се одвива железничкиот транспорт, иако се надеваат дека ќе биде поевтин од досегашниот начин на превоз на стоката.
Пругата Битола – Кременица се најавуваше десетина години. Претходната власт изградбата на оваа делница ја означи во јануари 2015 година, а градежните работи требаше да завршат во јули 2016. Но, конзорциумот од бугарски фирми, кој го доби тендерот, во овој период изгради само еден километар од делницата, а им остана должен на фирмите подизведувачи околу 1 милион евра. Работниците на кои конзорциумот не им исплати за сработеното, ги прекинаа сите активности на пругата во август 2016 година. Потоа Министерството за транспорт и врски го раскина договорот поради неисполнување на условите, а државата со бугарскиот конзорциум води судски спор.
На новиот тендер во 2017 година беше избрана австриската компанија „Штрабаг“, со рок за изградба на делницата до октомври 2018 година, до кога беа завршени поголем дел од градежните работи. Пругата е завршена лани во јануари кога беше извршено и нејзино тестирање со воз.