Во тоа дека СДСМ може подобро и повеќе видовме дека можат уште повеќе со тоа кога еден функционер доби „голема“ казна за шверц со цигари и потоа член на негово семејство доби дозвола за одгледување на марихуана. Ова е правдата на СДСМ, но тоа не е правда рече Владимир Нелоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во „Само вистина“ на канал 5.
Според него, СДСМ прави само работи за кои не зборувал во предизборието како што било со покачување на цената на струјата.
– Граѓаните ќе бидат нервозни кога ќе им стигнат сметки за парно повисоки за 7,5 проценти, а тоа не беше никаде кажано. Тоа е така поради фактот што СДСМ прави непродуктивни трошоци, има договори со универзалниот снабдувач, и преку фирмите за енергетика СДСМ со фирми блиски до нив испумпува средства – истакна Нелоски.
Според него, има 40 илјади луѓе кои останале без работа, без леб кои не знаат како да купат прибор за училиште за своите деца. За ова треба решение и одговор од владата.
– Оваа лепенка влада како што ја нареков кратко ќе издржи. Следната година има локални избори, не верувам дека ќе издржи и многу повеќе од по локалните избори. ВМРО-ДПМНЕ во следниот период ќе биде помеѓу граѓаните, како и до сега. Јас ќе бидам на протестите – рече Нелоски и додаде дека многу брзо револтот на граѓаните кој тлее поради лошите политики во здравството, во образованието ќе експлодира на некој начин.