Нина Ангеловска има право да се грижи за своите, ама веќе нема право да прави есап со нашите, народни пари!

9,413

Во претходниот мандат на власт, СДСМ не се истакна со изборот на „чесни и одговорни“ кадри во владата, во министерствата и во државните институции. Чест на исклучоците, се разбира. Таа слабост на екипата на Зоран Заев беше една од причината што партијата освои само 46 пратенички мандати, далеку од потребното за ветениот „чист мандат“.

Но, нема малциозно да го коментирам новото ветување на СДСМ за „чесност“. Треба да бидеме фер, секој од новите избраници на Заев, ако веќе не е извалкан во претходниот мандат, има право на презумпција на чесност. За жал, министерка за финансии Нина Ангеловска го изгуби тоа право, поради своето неетичко поведение во случајот „Еуростандард банка“.






Во нејзиното последно писмено обраќање до јавноста, Ангеловска нагласи дека со пласираните „дезинформации“ за неа, се правел „обид за дефокусирање на јавноста, преку нејзино дискредитирање и нарушување на нејзиниот углед“. Во својата изјава министерката го „објаснува“ она што за поголем дел од јавноста никогаш и не беше спорно – колкав и каков депозит имала во банката во пропаѓање и што сторила со своите пари. Со ставањето на акцентот на тие ирелевантни информации, Нина Ангеловска, всушност, е таа која со медиумите полемизира со замена на тези и така се обидува да го дефокусира вниманието на јавноста.

Во нејзината изјава има и една класична дезинформација. Или „лажна вест“, кога веќе и таа обожува да го употребува тој помодарски термин. Станува збор за делот од изјавата во кој вели: „Министерството за финансии нема надлежности над основањето и работењето на банките, ниту дава, ниту одзема дозвола за работење на банка. Единствено Народната банка, како независно регулаторно и супервизорско тело, има надлежност во доменот на работењето на банките што значи надзорот, супервизијата, изрекувањето мерки, издавањето и одземање дозволи за банките ги врши исклучиво и самостојно Народната банка“.

Никој не рекол дека е спорно што Нина Ангеловска имала пари во банка (добро, никој од релевантните коментатори, а нормално е многу „обични смртници“, кои одвај врзуваат први со први, да ѝ завидуваат на сумата од 250.000 евра). Млада е, паметна е, способна е, нека си заработува и нека ѝ се множат парите. Никој не рекол дека друг треба да ѝ кажува што да прави со своите пари и како да ги троши. И секако, никој не тврди дека Министерството за финансии е надлежно да спасува или да затвора банки.

Но, за да биде поубедлива и за да одглуми жртва, министерката Ангеловска полемизира со овие непостоечки тврдења, а премолчува некои други, мошне значајни факти. Што премолучва госпоѓа Ангеловска?

Како министерка за финансии, таа била и е член на Комитетот за финансиска стабилност, со кој претседава гувернерот на Народната банка. Овој комитет расправал за случајот „Еуростандард банка“ и ги отфрлил предлозите на сопствениците за спасување на банката. Нема да ги коментирам предлозите. Нема да ги коментирам и ставот на Комитетот и одлуката на централната банка. Јавно искажувам бланко доверба за експертите од овие институции, бидејќи верувам дека при одлучувањето се воделе од „големата слика“, односно од потребата да се одржи стабилноста на финансискиот сектор во земјата.

Но, фактот што министерката Ангеловска не може да го скрие е дека Комитетот во кој таа членува расправал за судбината на банката на Трифун Костовски. Предлозите за кои се расправало биле такви што и на обичен лаик можело да му биде јасно дека банката е пред дефинитивен колапс. Како член на Комитетот, Ангеловска за тоа знаела.

Еден документ на Народната банка, озаглавен со ознаката „професионална тајна“, кој носи датум од 1 јуни 2020 година, експлицитно потврдува дека банката забрзано пропаѓа. Не е можно министерката Нина Ангеловска да не знаела за постоењето на овој документ и за состојбите во банката во која имала депозит, од кој последната транша, ако добро разбравме, ја извлекла 24 дена подоцна.

Кога истражните органи би ја извршиле својата задача како што треба и кога би истражиле дали Ангеловска имала инсајдерски информации за состојбата на банката, информации битни за нејзината одлука да го повлече депозитот, јас мислам дека би се утврдило дека нема основа за кривичен прогон на министерката. Но, за жал, ние не сме правна држава и никој не смее ни да помисли да спроведе таква истрага, бидејќи министерката Ангеловска е на привилегирана позиција, што само по себе е далеку од било каква чесност.

Како и да е, како што ќе каже и поранешниот гувернер Петар Гошев во интервју на ТВ24, министерката Ангеловска сепак има сериозен етички проблем. Имено, нема никакви дилеми дека таа поседувала такви информации за судбината на банката во која имала депозит кои не им биле достапни на другите депоненти. Тој факт ја става во привилегирана позиција пред другите. Дополнително, Нина Ангеловска е избрана за министерка за да се грижи и за парите на народот, а не само за своите. Затоа нејзината одлука да го повлече депозитот кон крајот на јуни – макар и за едно евро да станува збор! – од етички аспект, е крајно спорна.

Јас и натаму верувам дека Ангеловска е паметна и способна и дека и во иднина ќе има успех во бизнисот, па ќе прави пари на кои многумина ќе ѝ завидуваат. Но, веќе немам доверба дека таа со истиот жар, посветеност и морална одговорност би можела да се грижи и за парите на даночните обврзници. Жал ми е, но така е.

 

Поврзани содржини