ШПАНИЈА ПРЕД ГОЛЕМ ПОЛИТИЧКИ ПРЕСВРТ Десницата е фаворит на изборите, Санчез се надева на чудо
Најголем парадокс со кој се соочува Санчез е тоа што Шпанија има една од најдинамичните економии во Европската Унија, но власта е соочена со силно социјално незадоволство.
Шпанија денеска (29 ноември) избира нов парламент, а според најголем дел од предизборните анкети, осумгодишното владеење на социјалистичкиот премиер Педро Санчез би можело да заврши. Конзервативната Народна партија (ПП) на Алберто Нуњез Фејхо е фаворит за победа, но вистинскиот триумф би можел да го слави лидерот на радикалната десница, Сантијаго Абаскал. Неговата партија Вокс би можела речиси да го удвои бројот на пратениците и да стане клучен партнер во идната шпанска влада.
Повеќе од 38,7 милиони граѓани имаат право на глас на предвремените парламентарни избори, кои Санчез ги најави на 5 октомври, откако парламентот ги отфрли владините мерки за заштита на станарите. Изборите се одржуваат во атмосфера на длабока политичка поларизација, незадоволство поради високите трошоци за живот, корупциски афери и растечка загриженост поради имиграцијата.
Десницата може да освои 195 пратенички места
Просекот од шест анкети објавени на 21 и на 22 ноември, што го пресмета телевизијата Антена 3, на Народната партија ѝ дава 31,4% од гласовите, на социјалистите на Санчез 28,3%, а на Вокс 18,6%. Двете десничарски партии заедно би освоиле 195 пратенички места. За апсолутно мнозинство во долниот дом на шпанскиот парламент, кој брои 350 пратеници, потребни се 176 мандати.

Но, последната анкета на државниот Центар за социолошки истражувања (ЦИС), објавена на 23 ноември, предвидува сосема поинаков исход. Според неа, социјалистите би освоиле 34,4% од гласовите, Народната партија 24,7%, а Вокс 15,6%. Шпанскиот јавен радиодифузен сервис РТВЕ посочува дека прогнозите на ЦИС значително отстапуваат од резултатите на речиси сите други релевантни агенции за испитување на јавното мислење.
Фејхо претпочита да формира еднопартиска влада со парламентарна поддршка од Вокс, но Абаскал, доколку освои доволно мандати, би можел да инсистира на министерски позиции. Тоа би било историска промена за Шпанија. Радикалната десница би влегла во националната влада за првпат по завршувањето на диктатурата на Франциско Франко, пред половина век.
Шпанската економија расте, но становите се прескапи
Најголемиот парадокс со кој се соочува Санчез е тоа што Шпанија има една од најдинамичните економии во Европската Унија, но власта е соочена со силно социјално незадоволство. Европската комисија прогнозира економски раст на Шпанија од 2,6% годинава, наспроти 1,2% во еврозоната. Меѓутоа, според податоците на шпанскиот Национален институт за статистика, цените на становите од 2015 до 2025 година пораснале за 84,6%, додека просечните бруто-плати од 2015 до 2024 година се зголемиле за 27,85%.
Дури 55,7% од Шпанците го посочуваат станбеното прашање како еден од главните проблеми во земјата. Следуваат имиграцијата, економската состојба, пензиите и квалитетот на јавните услуги. Опозицијата ја напаѓа владата и поради корупциските истраги што засегаат луѓе од блиското опкружување на премиерот, како и поради проблемите во железничкиот сообраќај и справувањето со мигрантската криза.
Вокс води кампања за построга имиграциска политика, против масовното регулирање на статусот на мигрантите и за давање предност на шпанските државјани при користењето на социјалните бенефиции. Изборниот подем на партијата на Абаскал се вклопува во поширокиот тренд на јакнење на десничарските и суверенистичките политички сили во Европа. Влегувањето на Вокс во владата во Мадрид би можело да влијае и врз односот на Шпанија кон заедничките политики на Европската Унија.
Шпанците на гласање со страв и со гнев
Атмосферата во Шпанија можеби најдобро ја илустрира истражувањето на агенцијата 40дБ за весникот Ел Паис и за радиото Кадена СЕР. Повеќе од 70% од испитаниците сметаат дека овие избори се поважни од претходните. Дури 52% од анкетираните на гласање ќе одат мотивирани од негативни чувства – загриженост, страв или гнев. Околу 42% сметаат дека главната цел на изборите е да се стави крај на владеењето на Санчез, додека 31% сметаат дека целта е да се спречи доаѓањето на радикалната десница на власт.
Санчез, кој е на власт од 2018 година, се надева на повторување на сценариото од 2023 година, кога и покрај изборната победа на Народната партија, тој успеа да обезбеди парламентарно мнозинство со поддршка од левичарските, каталонските и баскиските партии. Овој пат, меѓутоа, дополнителен проблем за социјалистите е расцепканоста на партиите лево од нив, меѓу кои Широкиот фронт на Ада Колау и Подемос на Ирене Монтеро.
Избирачките места денеска ќе бидат отворени од 9 до 20 часот, а до полноќ се очекува да биде познато дали Шпанија ќе добие ново десничарско мнозинство или ќе влезе во уште еден период на неизвесни коалициски преговори.