Костовски: Нѐ наместија, ако има стечај одиме на Арбитража
Семејството Костовски најави кривични пријави за поранешниот Управен одбор на Еуростандард банка и постапка пред Арбитражен суд во која ќе ја тужат државата за покренување на стечајна постапка од страна на Народната банка.
Најголемите акционери во Еуростандард банка таткото и синот Костовски денеска обвинија дека постоело сценарио за распад на банката, но како што рекоа не знаат кој стои зад тоа.Сепак прокоментираа дека тие што знаеле за сценаруото ги повлекле парите од банката. Тие најавија кривични пријави за поранешниот Управен одбор на Банката и постапка пред Арбитражен суд во која ќе ја тужат државата за покренување на стечајна постапка од страна на Народната банка.
Трифун Костовски прстот го впери во раководството на Народна банка кое, како што рече, не смогнало сила да помогне банката да се извлече од кризата не го прифатило инвеститорот и брзало со одлуката. За него, виновен е и претходниот претседател на Управен одбор на банката Николче Петковски и членовите на одборот, кои како што рече, го изманипулирале и го ставиле на отстрел.
– Оваа гарнитура на Народна банка е бирократска некомпетентна незрела и не ги познава бизнис тековите. Во случајов за килограм месо убиваш вол. Ние ќе ја спасебвме банката, но не ни се дозволи да работиме една година и затоа сметам дека беше подобро да ни ја одзедоа дозволата пред една година. Не дозволија ниту инвеститорот кој беше заинтересиран да ја извлече банката од криза да ја почне постапката. Инвеститорот требаше да ни даде понуда на 14 август, а стечајот Народна банка го обзнани стечајот на 12 август. Затоа се сомневам во сценарио, но и во некомпетентност на Народната банка – рече Трифун Костовски.
Тој случувањата околу постапката за одземање на дозволата на банката од страна на Народната банка го спореди со холокаустот.
– Ако постоел холокауст јас ова го чувствувам како холокауст од Народна банка бидејќи заедно со нас повлековме цела дузина правни лица. Доколку стечајот биде прифатен и стапи во сила ќе ја тужиме државата за нансена штета на акционерите и коминтентите на банката и доколку го добиеме случајот оштетата ќе биде наменета за покривање на коминтентите. Ги повикувам сите кои се оштетени од Народна банка да се избориме да владее системот а не корупцијата. Многу ми е жал за клиентите, јас изгубив 60 до 70 милиони евра,, јас гол дојдов и гол ќе си одам, но и тие изгубија многу – рече Костовски.
Тој рече дека семејството Костовски е доведено во заблуда и голема загуба од поранешниот претседател и членови на Управниот одбор.
– Нашата вина ја лоцираме во изборот на Управен одбор кога на почетокот се обидовме да ја извлечеме банката, кој нѐ „превезе“. Не се разбирам во банкарство но бев во Надзорниот одбор, а син ми во одделот за кредити.Значи не наместија како луѓе за отстрел. Против поранешниот Управен одбор ќе поднесеме кривична пријава бидејќи правел малипулативни трансакции. „Каде се парите го прашав првиот човек на Управниот одбор. Тој ми рече во банката. Не ги видов ниту во трезор ниту на конто“ – рече Костовски.
Тој рече дека со овој случај семејството Костовски го изгуби угледот и 60 до 70 милиони евра.
Костовски рече дека не сакал да ги меша политичките партии во случајот бидејќи сметал дека преку инвеститорот ќе можел да ја извлече банката.