Пендаровски не побарал гаранции за мнозинство од Заев, нема да бара ниту од Мицкоски

Шефот на државата изјави дека единствено Зоран Заев му се јавил и му кажал дека е на добар пат да обезбеди мнозинство.

910

Не му барав на Заев гаранција за обезбедено мнозинство, но доколку го врати мандатот, нема гаранции да му барам ниту на Мицкоски, изјави претседателот Стево Пендаровски по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Ако Заев го врати мандатот, додаде Пендаровски, Мицкоски ќе дојде кај него за доделување на мандатот, иако тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ ги замрзнува односите со претседателксиот кабинет.






Шефот на државата изјави дека единствено Зоран Заев му се јавил и му кажал дека е на добар пат да обезбеди мнозинство.

Во својата изјава претседателот Пендаровски образложи дека доколку во следните 20 дена, претседателот на СДСМ Зоран Заев не успее да формира парламентарно мнозинство, тогаш мандатот ќе го добие претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Мицкоски смета дека со давањето на мандатот на Заев без обезбедено мнозинство од 61 пратеници е прекршен Уставот.

Пендаровски истакна дека врз основа на уставните одредби, но и врз основа на консултациите со еминентни правници, рокот за доделување на мандат започна да тече од денот на верификација на мандатите на 120-те пратеници, потенцирајќи дека според Уставот во тој период е должен да го довери мандатот на кандидатот на партијата или партиите коишто имаат мнозинство во Собранието, или пак на оној којшто го уверил дека преговара со повеќе политички партии за обезбедување мнозинство. 

Претседателот нагласи дека во однос на тврдењето на Мицкоски, тој има сосема спротивен став кој се базира на читање на Уставот и следење на политичката пракса во изминативе 30 години на толкување на таа уставна норма. Претседателот Пендаровски во тој контекст истакна дека од верификацијата на мандати почнува броењето на десетте дена во кои претседателот е должен да го даде мандатот, односно, дека тоа не е опција, туку мора да го стори тоа, според членот 90 од Уставот, кој вели „Претседателот е должен да го даде мандатот“.

Притоа претседателот Пендаровски потсети на ситуациите во 2006-та и во 2016-та година, кога со писмо од тогашните претседавачи на Собранието, Стојан Андов и Трајко Вељановски биле известени тогашните претседатели, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов дека со верификација на мандатите на пратениците Собранието е конституирано. 

Одговарајќи на новинарско прашање, претседателот Пендаровски посочи дека со исклучок на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ниту еден од останатите претседатели на парламентарните партии не го информирал дека може да обезбеди парламентарно мнозинство.

Претседателот Пендаровски нагласи дека ниту еден претседател досега не барал изјави, освен Ѓорге Иванов вториот пат, откако Груевски не создаде парламентарно мнозинство, па мандатот требаше да го добие Зоран Заев. Тој додаде дека мнозинството од 61 пратеник не се утврдува кај претседателот со потписи или со нотарски заверени изјави, туку се утврдува на денот на гласањето во Собрание за нова Влада.

 

 

Поврзани содржини