Циркус „Медрано“

2,175

Не знаеме чија е идејата за оној „меѓународен конкурс за ревитализација на централното градско подрачје на главниот град по штетите предизвикани од Скопје 2014“ во предизборната програма на „Можеме“. Но, речиси и нема потреба долго да се размислува на таа тема, бидејќи безмалу веднаш е јасно дека и овде, како и во најголемиот број други случаи, политиката ја надгласала струката, кратковидоста ги згазила професијата, дилетантизмот стручноста… Зашто, не верувам дека некој, дури и со скромни познавања од соодветната проблематика (урбанизам, архитектура, уметност, култура) би напишал нешто такво.

Зошто? Па затоа што нашиов локален циркус „Медрано“ викан уште и „Скопје 2014“, не би можеле да го „решат“ ни три такви меѓународни конкурси, со нас вакви какви што сме. Ние не можеме да се договориме за една Универзална сала, не пак за нешто пообемно, поголемо, позначајно. А нашиов циркус е токму тоа: многу поголемо, многу посеопфатно, многу позначајно. Плус – многу покриминално!






А впрочем, нашево „Скопје 2014“, со сите негови пропратни содржини, е токму еден голем циркус: ред животни (коњи, лавови, можеби по некоја мечка), ред дресери на тие животни (оној огаќениот Прометеј како дресер на коњи, на пример, иако со силна конкуренција и во Ацета Македонски), па каскадери (на пример оној што го глуми Михајло Апостолски натопорен над коњот кај „Континентал“!), па луѓе со чии физикуси си поиграла природата (на пример оној диспропорционален „Карев“ пред Собранието, но и многу други). Што ќе рече, еден целосен циркус со кој што не би можел да се справи друг циркус викан меѓународен конкурс.

Бидејќи ние не знаеме што всушност сакаме со проклетово „Скопје 2014“. Следствено, како ќе работат странците, според кои и какви упатства, што да задржат а што да бришат? Или, би „работеле“ според моделот „направи сам“, односно секој би требало да си смисли постапка, метод, селекција на „содржините“ коишто би ги задржал, или можеби не, па потоа би требало да испланира што со она што не би го задржал и што би ставил на негово место… итн.

И така навистина би добиле уште поголем циркус од овој што сега го имаме во централното градско подрачје, зашто секој од тие странци, но и наши надобудни потенцијални домашни учесници, би си планирал според некои свои проекции како сака да му изгледа Скопје! А некој/некои, недвојбено ќе речат и: оставете се како што е. Зошто пак да не, кога ни надлежните очигледно не знаат што и како сакаат, ниту пак како се организира еден таков меѓународен конкурс?

Зашто, познавачите велат, ако на учесниците не им дадеш проектна задача, ако не им кажеш што и како сакаш да има односно да нема во тоа централно градско подрачје, кои и какви содржини да бидат застапени а кои да бидат отстранети, како тогаш очекуваш од нив соодветно да одговорат на барањето? И велат: тоа е исто како да организираш референдум, ама без референдумско прашање. Што ќе рече – секој нека одговори што и како сака, за што сака! Така ли е замислен тој „меѓународен конкурс“?

И сега, ако ние самите немаме смелост – иако толку пати се повикувавме на неа – да го решиме ова шизоидно „Скопје 2014“, некој друг однадвор ли би требало тоа да ни го каже? Можеби и би ни го кажал, ако тоа му го поставиме како услов на конкурсот, ама ние тоа не сакаме, нели? Сакаме на странецот да му текне, а? И што ако не му текне, што ако некоја будала, слична на нашиве, се затрча и ни го остави сето ѓубре среде градов, а ние, какви што не дал господ, го избереме токму неговиот „проект“? Сакате да кажете дека и нашите внуци ќе треба да растат во ваква монструозна атмосфера? Или во обратниот случај: ако некој од странците ни рече – рушете сето тоа, ние ќе го послушаме? Зошто, затоа што е странец, а ние овде ништо не знаеме? Извинете но кога една држава се доведува себеси во таква декаденција…

Апропо, се сеќава некој како го измајмунисаа оној меѓународен конкурс за спомен куќата на Мајка Тереза? И како наместо вистинскиот победник го добивме она ругло што уште стои на улица „Македонија“?

Плус, колку што разбирам, тој „меѓународен конкурс“, некој го видел и како „дел од апликацијата на Град Скопје за Европска престолнина на културата“. И ние сериозно мислиме да аплицираме со Скопје како Европска престолнина на културата со ваков центар на градот? Со сиот оној кич на којшто му се смееше токму таа Европа, онаа којашто не почести со титулата „Европска престолнина на кичот“? Мислам, за озбилно е ова, или или е сепак во стилот на жабата и коњот? Зашто, веќе е јасно, никој не може да не изрезили пред светот толку колку што тоа можеме самите да си го направиме. Но, мислев дека тоа почнавме да го надминуваме веќе во 2017 година. Ама изгледа – кратко траеше, само неколку месеци? И потоа повторно надвладеа она „doing business“?

И сега, дали оној „нов ДУП“ на општина Центар е само вид подготовка, некаква подготвена „урбанистичка подлога“ за тој иден меѓународен циркус „Медрано“? Може и така да се чита целата работа, бидејќи ова задржување на статус кво во централното градско подрачје веројатно би била/ќе биде почетната позиција за циркусот? Таму ли се крие зајачето во приказнава? Не мора да значи, се разбира, ама низ толку такви бирократски грмушки не шетаа(т) уште од 2007 година, што веќе не знаеме што е што ни кој е кој!

Или, ако баш сакате: ние имаме „проект“ викан „Македонија без кал“ (финансиран од ЕУ), а сакаме да се натпреваруваме за Европска престолнина на културата? Со што, со која култура?

 

Поврзани содржини