„АЈВАНИ И ФАШИСТИ“ Рама распали жестоко по „Фламинго-револуцијата“ што ја тресе Албанија

Премиерот на Албанија повторно жестоко ги критикуваше демонстрациите против проектот за луксузен резорт на островот Сазан на Џаред Кушнер и на Иванка Трамп. Еди Рама порача дека нема да се повлече пред притисоците и ги нарече демонстрантите „ајвани“.

0

Албанскиот премиер Еди Рама повторно упати остри критики кон т.н. „Фламинго револуција“, протестното движење кое започна поради спорниот туристички проект поврзан со Џаред Кушнер и Иванка Трамп.

Во својот поткаст, Рама ги нарече протестите „фашистички“ и оцени дека зад нив стои опасна реторика.






– Ова е фашистичко, скандалозно е и мора да се запре. И се запира со тоа што не се повлекуваме пред ваквите притисоци и вакви видови ајвани – рече Рама.

Изјавата доаѓа во момент кога протестите влегуваат во третата недела, а според медиумските проценки, на последниот голем собир во Тирана учествувале меѓу 100.000 и 200.000 луѓе.

Рама тврдеше дека пораките на протестното движење потсетуваат на опасни националистички идеи.

– Албанија им припаѓа на Албанците. Тоа значи дека сите други не се добредојдени. Исто како што Германија беше „за Германците“, а потоа стана црна овца на Европа – изјави премиерот.

„Фламинго револуцијата“ е протестно движење кое започна поради плановите на компанијата на Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, да изгради луксузен туристички комплекс на островот Сазан и во областа Зврнец кај Валона.

Противниците на проектот тврдат дека станува збор за еколошки чувствително и заштитено подрачје со лагуни, мочуришта и живеалишта на ретки видови птици, меѓу кои и фламинга, по кои протестите го добија името. Владата на Еди Рама, пак, смета дека инвестицијата ќе донесе развој, нови работни места и дополнителен туристички раст за Албанија.

Во меѓувреме, албанското обвинителство за борба против корупцијата нареди апсење на 20 лица во истрага за перење пари и меѓународна трговија со кокаин. Според медиумските извештаи, дел од истрагата може да има врска и со туристичкиот проект што се поврзува со семејството Трамп.

Во времето на комунистичкиот режим на Енвер Хоџа, островот Сазан бил една од најзатворените воени зони во Албанија.

Поврзани содржини