Сувереното право на денешните држави, на коешто се повикува и претседателот Ердоган, во вакво геополитичко опкружување, е прилично интригантна работа. Никогаш не сте сигурни до каде се протега тоа ваше „суверено право“ и дали можеби не задира во истите „суверени“ права на некоја од големите сили. Но, се разбира, сувереното право на една држава е нејзино легитимно, законско право да постапува така како што мисли дека треба да постапува, со цел да ги извршува своите јавни функции. Иако во одредени случаи тоа суверено право може да биде прилично растеглива категорија. Како на пример во случајот на „Св. Софија“ во Истанбул!
Несомнено дека Турција е суверена држава, а нејзиниот претседател има суверени права да постапува така како што мисли дека треба да постапува, со цел да ги извршува своите јавни функции. Ама дали „Св. Софија“ како историски споменик, а денес и како дел од светското културно наследство и под заштита на УНЕСКО, е баш соодветен пример за повикување и ефектуирање на тоа суверено право на државата односно нејзиниот претседател?
Шкакливо прашање? Па не баш. Во случајов, тоа право се темели само и единствено на фактот што некогашната базилика, а сега музеј, се наоѓа на територијата на Турција. И тоа секако не е мало „право“, но не би требало да биде безгранично или неприкосновено право. Како што и некои градби од времето на Отоманското царство денес се наоѓаат во други држави, па и кај нас, што не значи дека ние имаме „суверено право“ со нив да правиме што сакаме!
И токму тука лежи онаа не баш така тенка нишка помеѓу цивилизацијата и варварството: во односот токму кон прашања од тој тип! Делумен (и секако одличен) одговор на „дилемата“ доаѓа од рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Грушко, кој вели: „Катедралата е на територијата на Турција, но таа е беспоговорно наследство на сите“!
Оттука, не е спорно дека „Св. Софија“ се наоѓа на територијата на сегашна Турција како наследник на тој остаток од Отоманската империја, но ни Отоманската империја ниту пак денешна Турција полагаат некакво друго право на неа. Напротив, другите права се протегаат цели девет века наназад, до императорот Јустинијан (и неговите наследници) и до проектантите и градителите на базиликата Исидор од Милер и Антемиус од Трал (и нивните наследници!). Оттука, сувереното право всушност се стеснува на територијално право и никакво друго, бидејќи уште при конвертирањето на некогашна базилика во џамија по падот на Константинопол во отомански раце (1453 година), е извршен првиот варварски акт со менувањето (да не речам, нагрдувањето) на надворешниот изглед на базилика, преку додавањето на минарињата туку и на ентериерот (отстранувањето на олтарот, иконостасот, крстилницата, покривањето или целосното вадење на мозаиците итн). Но и со таквите постапки, базиликата „Св. Софија“, иако осквернавена, била недостижна грандиозност за отоманските архитекти, дури и за еден Мимар Синан (чие ремек дело Селимје џамијата во Едирне е најблиску до неа).
Следствено, што би се случило во светот кога сите држави на тој начин би го практикувало своето суверено право и би правеле што и како сакаат со светското културно наследство? Нели би потсетило тоа малку и на оние случувања во Германија од триесеттите години на минатиот век и на синагогата во Берлин? И не само тој пример, туку уште стотици други примери на варварско однесување на цели држави. На пример, безочното уништување на пагански, христијански и муслимански градби од страна на ИСИЛ (па дури и Асурбанипаловата палата во Нимруд, храмот на Бел во Палмира, т.н. Зелена црква во Тикрит, манастирот „Св. Илија“ во Нинива итн.), талибанското уништување на статуите на Буда во Бамијан, мостот во Мостар итн.
И понатаму, дали тоа ни дава и нам за право да ги урнеме, на пример, сите отомански религиозни градби или да ги трансформираме во цркви? И на што би личело тоа? Впрочем, не дека немаме и такви искуства, бројни, а последното со идиотското „Скопје 2014“, кога налудничавото „суверено право“ на тогашниот малоумен премиер и неговата партиска држава се дрзнаа целосно да го „пресоблечат“ – што ќе рече: уништат! – ремек делото на македонската архитектура, објектот на некогашната ЦК СКМ на професорот Муличковски. Сакам да кажам, не сме биле ни ние имуни на такви варварски идеи и зафати, па можеби затоа полесно ги препознаваме?!
(ФБ статус на авторот, насловот е редакциски)