На тричасовна седница, едногласно, Државната изборна комисија синоќа ги отфрли сите 2.142 приговори поднесени од политичките партии за предвремените парламентарни избори.
Оценка на членовите на ДИК беше дека приговорите се без докази, а најголем дел од оние што беа поднесени од Левица немаа ниту потпис од овластен претставник. За барањата за рачно броење на избирачките ливчиња, членовите на ДИК кажаа дека децении наназад тие се бројат рачно и јавно се покажуваат пред членовите на избирачките одбори, а дополнително потецираа дека по повеќепати се проверени записниците од сите 3.480 избирачки места и 80-те општински изборни коимисии каде нема забелешки за основите на приговорите.
Откако партиите ќе ги примат решенијата за одлуките на ДИК имаат 24 часа да достават тужба до Управниот суд, кој пак по нејзиниот прием има 60 часа да одлучува.
За 1.478 приговори од вкупно 1.982 поднесени од Левица, членовите на Комисијата утврдија дека тие немале потпис од овластениот претставник и немаат печат од подносителот на листата, додека за другите 504 потенцираа дека не се поткрепени со докази и текстот во образложението е ист за сите овие приговори. За приговорите на АА и на Алтернативата, исто така беше оценето дека не се поткрепени со докази, како и на Демократи, на СДУ, на Интегра, МОРО Работничка партија и на ВМРО-ДПМНЕ. Во приговорите се бараше рачно броење на избирачките ливчиња, увид во избирачкиот материјал, како и во неважечките ливчиња.
Извесно е дека резултатите и мандатите од предвремените парламентарни избори, кои се одржаа во мошне специфични услови, поради пандемијата со ковид-19, остануваат онака како што првично беа објавени – Коалицијата „Можеме“ предоведна од СДСМ освои 46 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ и други 44, Демократската унија за интеграција (ДУИ) 15, Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден мандат.