ДИК брои рачно, „Дуна“ не кажува зошто не успеа да одговори на хакерскиот напад
Од ДИК соопштија дека попладне ќе ги кажат резултатите од изборите.
Неофицијалните конечни резултати Државната изборна комисија (ДИК) ќе ги соопшти на попладневната седница, информираа оттаму преку соопштение објавено на веб страната. Кога ќе се одржи седницата сѐ уште не се знае.
„Неофицијалните конечни резултати ќе бидат соопштени на попладневната седница на Државната изборна комисија, за која благовремено ќе Ве известиме“, стои во соопштението.
Во соопштението се наведува и дека приемот на материјалот од општинските изборни комисии се врши сѐ уште и при тоа рачно се проверуваат записниците за сумирање и утврдување на резултатите од избирачките места (записници бр.16), како и записниците за сумирање и утврдување на резултатите од општините (записник бр. 21), со цел точно да можат да се утврдат неофицијалните конечни резултати.
Инаку делот од стајтот https://rezultati.sec.mk/ на кој треба транспарентно и кредибилно јавно да бидат објавени податоците за резултатите и излезноста од гласањето за предвремените парламентарни избори, кое се реализираше вчера, сѐ уште не функционира по, како што соопшти претседателот на ДИК Оливер Деркоски, надворешниот хакерски напад.
Од компанијата „Дуна“ која го изработи и одржува сајтот на ДИК сѐ уште нема никаква реакција. Оттаму за Плусинфо денеска само кусо изјавија дека одговорните не се стигнати во компанијата.