Студентите во домот „Стив Наумов“ останаа без својата облека

Студентите од овој дом, во група на социјалната мрежа Фејсбук се пожалиле дека им се украдени облека и лични предмети, а истовремено од надлежните побараа одговорност и поголема безбедност.

1,236

Додека студентите биле во своите домови поради пандемијата со ковид-19, извршени се кражби во студентскиот дом „Стив Наумов“ и украдени им се лични работи.

Студентите од овој дом, во група на социјалната мрежа „Фејсбук“ се пожалиле дека им се украдени облека и лични предмети, а истовремено побараа одговорност и поголема безбедност, пренесе „Радио МОФ“.






„Некој се дрзнал да краде банални работи, а што правиме кога би оставиле некои вредни работи (лаптоп и слично), напиша студентката С.М. од Битола во отворената група на Фејсбук.

Таа вели дека заедно со нејзината цимерка имале штета од околу 15.000 денари.

Претседателот на станарите од „Стив Наумов“, Кирил Манасиев, е запознаен со ситуацијата. Тој заедно со директорот на Државниот студентски центар – ДСД, Дарио Николовски, како и дел од ограбените студенти, денеска онлајн се состанаа.

– Со студентите разговаравме и се договоривме да ми пратат на мејл допис на кого, што му фали од собите и во која вредност. Исклучиво се работи за украдена облека и средства за хигиена. Сакам да имам евиденција сè додека трае постапката за утврдување на сторителите. Целта ми е решавање на ситуацијата и ниту еден да не биде оштетен. Сакам да се врати довербата на студентите во институциите – изјави директорот Николовски.

Тој најави дека Студентскиот центар ќе вложи во подигање на безбедноста и надзорот во домовите.

– Лани поставивме видео надзор во домот „Кузман“, а годинава планиравме истото тоа да го сториме и во домот „Стив“ и останатите домови со дополнително надворешно обезбедување во ноќните часови. Но, по пандемијата со коронавирусот поради што студентите во март заминаа дома, работите ги одложивме, но на половина година сме сега, планираме да ги реализираме до крајот на годинава – рече Николовски.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) ги потврдија ваквите случаи и велат дека работат на нивно расчистување.

Според електронскиот билтен на СВР Скопје, од почетокот на 2020, заклучно до 1 јули, се регистрирани вкупно 7 кражби во студентските домови: „Стив Наумов“ (5), „Гоце Делчев“ (1) и „Пелагонија“ (1). Во 2019, пак, полицијата севкупно регистрирала 8 кражби, 1 разбојништво и 1 тешка кражба во обид.

Според Борјан Ефтимов, студентскиот лидер од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, решението е едноставно – повеќе обезбедување и видео надзор на студентските домови. Тој смета дека ова се последици на долгогодишно занемарување на студентите и образованието од приоритетите на власта, па така и сега во оваа ситуација. Ефтимов не е изненаден што студентите се оштетени.

Тој вели дека државата во иднина мора да инвестира во студентите, образованието и во студентските домови за како што посочи, да не се случуваат вакви настани, но и да имаат услови за живеење, а не преживување и борба за егзистенција.

– Мораме да имаме нов Закон за младински стандард на местото на досегашниот Закон за студентски стандард со кој ќе се овозможи формално правно државата да издвојува повеќе средства за студентските домови бидејќи моментално средствата кои ги издвојува државата, според Законот, не може да бидат поголеми од средствата кои ги плаќа студентот, па така државата издвојува сума еквивалента на сумата која ја плаќа еден студент во студентски дом. Со носење на нов закон и бришење на ова ограничување, ќе има основа за вршење н притисоци за државата да издвојува повеќе финансии за студентските домови, за потоа тие да се реновираат и да се опремат соодветно – вели тој.

Денеска беше последниот рок за студентите да си ги соберат своите лични работи од собите во домовите каде биле сместени.

Поврзани содржини