САД донираа средства за дезинфекција за судовите, затворите, обвинителствата…

285

Амбасадорката Кејт Мари Брнс денеска во Јавното обвинителство ја предаде донацијата од Соединетите Американски Држави, преку Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ). Донацијата со вредност од 35.000 американски долари е наменета како поддршка за намалување на ширењето на ковид-19.

– Ова е едно исклучително тешко време и навистина е импресивно како правосудните институции тука во Северна Македонија продолжија да ги исполнуваат своите професионални задачи дури и во овие несекојдневни услови. Сакам да ги пофалам за нивната посветеност да ги заштитат животите на нивните вработени и на граѓаните. Мило ми е што ние можеме да помогнеме денеска со оваа донација – нагласи амбасадорката Брнс.






Донацијата ја презедоа в.д. претседателот на Врховниот суд м-р Фаик Арслани, јавниот обвинител Љубомир Јовески и директорот на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ.

Во рамките на оваа донација, судовите, Академијата за судии и јавни обвинители, Судскиот совет, јавните обвинителства, Советот за јавни обвинители, затворите и Управата за извршување санкции добија средства за чистење и дезинфекција на површини и антибактериски гелови за дезинфекција и суво миење раце.

Амбасадата на САД во Скопје додели вкупно 6.360 пакувања од по половина литар антибактериски гел за дезинфекција и суво миење раце, како и 400 средства/раствори од по 10 литри за чистење и дезинфекција на површини, набавени од домашни производители.

 

Поврзани содржини