Чаирскиот градоначалник се заразил во потесното семејство, нема кластер во ДУИ

За разлика од СДСМ, ДУИ засега нема кластер на заболени од ковид-19.

631

Чаирскиот градоначалник Висар Ганиу кој е позитивен на ковид-19 се заразил од член на потесното семејство, вели тој за Плусинфо. Тој изјави дека неговото отсуство нема да влијае врз работата на Општина Чаир бидејќи само четворица вработени од неговиот кабинет со кои бил во контакт се во самоизолација од вкупно 104 вработени во локалната самоуправа.

Вкупно 35 лица кои контактирале со градоначалникот се во самоизолација, од кои 20 од неговото семејство и 15 други лица.






Ганиу вели дека ниту еден член од партијата ДУИ не е во самоизолација, бидејќи изминатиов период откако е пандемијата на коронавирусот со сопартијците контактирале преку телефон, или ако имал средба со некој ја почитувале пропишаната дистанца и носеле маски.

– Се чувствувам добро, немам симптоми. Општината ќе продолжи да работи бидејќи во самоизолација се 3-4 од мојот Кабинет – ни изјави Ганиу.

Од дваесетмината од неговото семејство со кои Ганиу бил во контакт, готови се резултатите за братот и таткото на градоначалникот кои се негативни.

Од 15-те други лица кои се во самоизолација, а за кои Ганиу навел дека контактирал со нив, се како, што вели градоначалникот другари и пријатели со кои се возел во автомобил или пешачел.

Во билансот на новозаболените од ковид-19 изминатава недела освен Ганиу, и функционерите на СДСМ потпретседателот Мухамед Зеќири и Сања Лукаревска се позитивни на коронавирусот.

Од контактите на Зеќири 33 лица се во самоизолација, додека од контактите на Лукаревска во самоизолација се 27 лица. Меѓу функционерите од СДСМ кои се во изолација се Мила Царовска, Марјан Забрчанец, Оливер Спасовски, Дамјан Манчевски, Арафат Муареми и Еролд Муслиу, Фатмир Битиќи, Богданка Кузеска.

За разлика од СДСМ, ДУИ засега нема кластер на заболени од ковид-19.

Поврзани содржини