Кој доказ беше презентиран на овој судски процес според кој треба да се донесе осудителна пресуда, ниту еден, рече Сашо Дуковски, адвокат на првообвинетиот Бојан Јовановски Боки 13-ка, во завршните зборови на одбраната пред судечкиот совет во денешното рочиште во „Рекет“.
– Ова е невидено и нема врска со правото, Бојан Јовановски се гони за перење пари, дело за кое обвинителството прикажува докази од 2017 година, а се обвинува за дело кое било сторено во 2018, значи делото не било сторено во последните 18 месеци. Вака може да се суди и за убиството на Кенеди – додаде Дуковски.
Тој денеска ги анализираше доказите на обвинителката Вилма Русковска и рече дека Обвинителството не изнело ниту еден доказ против Јовановски, туку прикажало видео од три минути.
– Прикажа видео од три минути каде што се бројат пари, се прикажува женска рака и веднаш се дава снимка на која Зоран Милески Кичеец со леснотија носи торба во која има пари кои ако осумдесет отсто од нив биле во апоени од по 50 евра, што значи дека торбата треба да тежи дваесетина килограми, а Кичеец ја носи торбата како јас мојата – реце Дуковски мафтајќи со својата актовка.
Експерти од Европската банка сметаат дека милион евра тежат 22 килограми. Затоа јас прашувам како може толку тешка торба да ја носат толку лесно и да ја префрлуваат преку рака. Не може да се толку пари во прашање, додаде Дуковски.
Дали видовте доказ во кој Јовановски е снимен со пари, праша Дуковски кој речиси еден час ги презентира своите завршни зборови.
Тој неколку пати забележа дека во овој судски процес немало вештачење, иако и во текот на судењето одбраната постојано бараше да се вештачи телефонот на Јовановски.
Денеска се очекува завршни зборови да дадат и Бојан Јовановски и Катица Јанева.