Полициски час, затворени дуќани, протести…, Америка во нови проблеми

427

Американските веледрогерии и трговци на мало затворија некои од своите продавници низ целата земја поради немирите предизвикани од протестите по смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд за време на минатонеделната брутална полициска интервенција.

Компаниите „Таргет“, „ЦВС“, „Епл“ и „Валмарт“ соопштија дека од безбедносни причини привремено ги затвориле своите продавници или го ограничиле работното време во нив, откако одредени нивни објекти во неколку града беа запалени, провалени и ограбени, кога протестите станаа насилни, јавија американските медиуми.






Компанијата „Амазон“ соопшти дека ги прилагоди своите рути на движење и ги прекина испораките во некои градови, вклучувајќи ги Чикаго, Сиетл, Лос Анџелес и Минеаполис, пред сѐ, заради безбедноста на своите возачи.

Малите продавници, исто така, претрпеа штета и сега се обидуваат да утврдат како да работат во тој хаос. Овие продавници се соочуваат со проблеми при испораката на стока, но има и работници кои не сакаат да доаѓаат на работа.

Лос Анџелес, Чикаго, Детроит и Вашингтон воведоа полициски час
Лос Анџелес, Чикаго, Детроит и Вашингтон воведоа полициски час по протестите во саботата поради насилната смрт на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кога демонстрантите се судрија со полицијата, која користеше солзавец и гумени куршуми.

Претходно, југозападната држава Аризона воведе полициски час во целата држава.

Како што пренесуваат странските агенции, ограничувањето на движењето, кое ќе влијае на милиони луѓе, стапи на сила во исто време со распоредувањето на повеќе од 5.000 припадници на Националната гарда, кои беа активирани во 15 држави и главниот град за да дадат поддршка на локалните сили за спроведување на законот.

Државниот правобранител на Минесота Кит Елисон ќе го води случајот за Џорџ Флојд

Државниот правобранител на Минесота Кит Елисон денеска најави дека ќе го води случајот за смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој почина откако полициски службеник со нога го притисна на вратот за време на апсењето.

„Со голема сериозност ја прифаќам одговорноста на мојата канцеларија во овој критичен случај за смртта на Џорџ Флојд. Ќе ги вложиме сите ресурси за да стигнеме до правдата во овој случај“, напиша Елисон на Твитер.

Елисон ќе работи со адвокатот на округот Хенепин, Мајк Фримен, кој во петокот најави дека ќе поднесе обвиненија за убиство од трет степен и несовесно убиство од втор степен против отпуштениот полицаец Дерек Ковин, кој е прикажан на видео снимка како со нога му го пристиска вратот на Џорџ Флојд на улица во Минеаполис.

Тројца полицајци вклучени во инцидентот сè уште не се обвинети.

Семејството на Флојд претходно побарало од Елисон да го преземе случајот од Фримен, кој како окружен правобранител има тесна соработка со полицијата во Минеаполис.

Поврзани содржини