Несторовиќ повторно шокира: Имав коронавирус, не бев во самоизолација, а јадев и свинско

4,306

Професор д-р Бранимир Несторовиќ, член на кризниот штаб за борба против ковид-19 во Србија, изнел шокантна информација дека имал коронавирус, пишува српскиот „Новости“.

Гостувајќи во една емисија признал и дека не бил во самоизолација бидејќи морало многу да се работи.





– Јас сум речиси сигурен дека имав коронавирус на самиот почеток, бидејќи два дена имав температура и пролив, изгледаше како тоа да е тоа. Не бев во самоизолација, бидејќи не беше момент за тоа и мораше да се работи. Мене брзо ми помина, но никого не инфицирав, бидејќи бев социјално одговорен –  рекол д-р Несторовиќ во емисијата.

Меѓутоа, кога новинарите го прашале дали е можно да бил толку неодговорен да не направи ништо од тоа што тие денови им го препорачувал на сите други (самоизолација, тестирање…), Несторовиќ тврди дека не се однесувал неодговорно ниту кон себе ниту кон луѓето од својата околина.

– Во еден момент навистина помислив дека е можно да сум го закачил вирусот, но ги немав тие тегоби. Можев да јадам свинско, не ми се изгуби сетилото за мирис, што е првиот симптом на коронавирусот. Ние тогаш имавме бројни состаноци во Владата, каде се среќавав со разни луѓе. Седум или осум од нив се разболеа, дури и жената која правеше кафе. Во тоа време мене ме фати некоја морничавост, па веднаш отидов дома. За да ги заштитам домашните, заминав од станот и отидов во Обреновац. Три дена лежев, два дена имав температура, а го направив и оној брзиот тест, кој беше негативен. Веќе следниот ден бев на нозе – рекол Несторовиќ, кој имал тегоби кон крајот на февруари.

Тој тврди и дека коронавирусот во Србија циркулирал многу пред првооткриениот пациент заразен со ковид-19.

– Ако е сега потврдено дека коронавирусот во Италија бил присутен уште од 27 декември, значи веднаш по католичкиот Божик, кога многу наши луѓе доаѓаат во Србија за празниците, нема шанси веќе од јануари вирусот да не циркулирал и во нашата земја. Се сеќавам дека пред првиот кризен штаб прегледав дете за кое сега сум сигурен дека имаше коронавирус, бидејќи ги имаше сите симптоми. И детето кашлаше во мене, но, за среќа, јас имам силен имунитет – рекол Несторовиќ и открил дека секое утро се проверувал себеси мирисајќи лаванда со оглед на тоа дека губењето на мирисот е првиот симптом на вирусот.

Додека критичарите сметаат дека д-р Несторовиќ како член на кризниот штаб се однесувал многу неодговорно кога ги добил симптомите, вчера никој од неговите колеги од тоа тело не сакал ништо да коментира на таа тема.

Извор: Блиц

Поврзани содржини