Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека сака од 15 јуни да биде укината вонредната гранична контрола воведена во Шенген зоната поради коронавирусот.
– Ако состојбата на заразата го дозволи тоа, сакам да повторам дека од 15 јуни граничните контроли во Шенген зоната можат целосно да бидат укинати – рече Меркел во Бундестагот.
Инаку, денеска Европската Комисија (ЕК) ги објави своите препораки до земјите членки на ЕУ за укинување на рестрикциите и постепено отворање на границите во ЕУ. Препораките важат и за Западниот Балкан, јави дописничката на МИА од Брисел.
Во пресрет на летните одмори, Европската Комисија бара земјите членки на Унијата да се водат од нејзините препораки за да се спаси туристичката сезона, а истовремено да се сведе ризикот од втор бран на ковид-19 на минимум.
Комисијата во пакетот презентиран денеска пред јавноста смета дека укинувањето на рестрикциите треба да оди во фази, на координиран и флексибилен начин (што значи дека мерките треба да можат повторно да бидат воведени доколку биде потребно) и врз основа на епидемиолошките податоци.
Луѓето во Европа треба да имаат можност да земат „заслужен одмор“, стои во стратегијата, истовремено и да им се овозможи на земјите безбедно да ја рестартираат туристичката индустрија.
Конкретно, земјите треба да оценуваат дали може да се отворат граници и со кои земји врз основа на епидомиолошката состојба, а се препорачува земјите со слична состојба да се координираат, посебно доколку се соседи. Европската Комисија сака да им даде приоритет на прекуграничните активности во клучните области, како и на патувањата од лични и семејни причини.
Од земјите членки исто така се очекува да не дискриминираат, што значи дека не би смеело да забрани влез за граѓани од земја со слична епидемиолошка слика како и друга земја за која е дозволен влез.