Филипче: Со вирусов ќе живееме во целиот период кој е пред нас

Министерот за здравство упати апел до граѓаните да не се собираат масовно, без оглед на тоа дали се верски или други собири.

1,222

Целиот детален план и препораките за функционирање во земјава во услови на епидемија на ковид-19 ќе се финализира денеска, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче во гостување во емисијата Утрински брифинг.

Тој додаде дека е тешко да се препорача попуштање на мерките само во одредени градови и региони, бидејќи од самиот почеток во справувањето со кризата пристапот бил на национално ниво.






– Целокупниот материјал е спремен, но кога ќе се прецизира датумот ќе се дискутира денес. Ние направивме еден наш автентичен модел според карактеристиките на населението. Две држави не може да се споредат една со друга. Сметам дека направивме прилично успешен модел на борба со вирусот. Попуштање на мерките да биде само во одредени градови и региони е тешко да се препорача, бидејќи од самиот почеток имавме пристап на национално ниво. Попуштањето ќе оди така – рече Филипче.

Тој додаде дека сите јавни собири ќе бидат со посебни протоколи.

– Тоа што е многу важно е дека со вирусов ќе живееме во целиот период кој е пред нас. Тој нема да исчезне сѐ додека не се измисли вакцината. Но морам да споменам и дека работата е под контрола и ги очекуваме протоколите и мерките од Комисијата – рече Филипче.

Министерот за здравство упати апел до граѓаните да не се собираат масовно, без оглед на тоа дали се верски или други собири.

– Ова е борба во која учествуваат сите граѓани. Сите граѓани се дел од тимот и на лекари и на здравствени власти со кои што ја биевме оваа битка. Сега сме во одмината фаза на битката. Битно е борбата да продолжи, зашто само така ќе се задржи позитивен тренд и нема да се соочиме со повторно зголемување на бројот на пациенти – рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Поврзани содржини