Средствата за капиталните проекти во транспорт нема да се намалат, вели Сугарески.

Министерот Сугарески додаде дека веќе се реализирани околу 90 отсто од изградбата на магистралниот гасовод Неготино-Битола, кој се очекува наскоро да биде комплетно завршен.

237

Нема да има намалување на средствата наменети за капитални инвестиции во ресорот транспорт, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при денешната работна посета на Општина Битола, каде заедно со битолската градоначалничка Наташа Петровска извршија увид во градежните работи за реконструкција и изградба на водоводни и канализациони линии низ градот.

Како што соопшти ресорното Министерство, проектот за подобрување на комуналната инфраструктура во Битола е со вредност од преку еден милион евра и опфаќа изградба и реконструкција на водоводи и канализации на улиците „Илинденска“, „Партизанска“ и „АСНОМ“.






Министерот Сугарески истакна дека работите на терен напредуваат и се очекува проектот да биде завршен до март следната година.

– Тоа што го ветивме пред граѓаните, одговорно го исполнуваме. Континуирано и посветено работиме на подобрување на условите за живот во сите населени места и секој ден сме се поблиску до остварување на нашата цел за унапредување на целокупната инфраструктура во државата. Реализацијата на капиталните проекти се одвива со добар интензитет и се ноаѓаме сред силна градежна сезона. Проектот за подобрување на комуналната мрежа во Битола е од круцијално значење за жителите на градот, па покрај овој проект до крајот на месец мај или почеток на јуни, планираме да објавиме тендер за покривање, санација, реконструкција и дислокација на каналот на сливни води крај стадионот до Буковски гробишта, со што веќе во август би започнале градежните работи – рече Сугарески.

Во однос на патната инфраструктура, тој истакна дека завршува рехабилитацијата на стариот пат Прилеп-Битола, се работи на изградба на заштитната ограда на обиколницата на Битола, а во тек е изработка на проектна документација за изградба на експресен пат Битола-Меџитлија која треба да биде завршена до крајот на август. Исто така, додаде тој, кон почетокот на јуни ќе бидат објавени тендери за рехабилитација на патните правци Битола – Демир Хисар и Битола – Меџитлија, а преку програмата на ЈП Македонија пат ќе се рехабилитираат уште пет патишта во Битола, Могила и околината.

Министерот Сугарески додаде дека веќе се реализирани околу 90 отсто од изградбата на магистралниот гасовод Неготино-Битола, кој се очекува наскоро да биде комплетно завршен.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска нагласи дека Општината има обезбедено средства за непречено изведување на градежните активности и реализација на проектите кои се од особено значење за развој на економијата.

– Поддршката на градежните активности значи и поддршка на економијата. Со целокупниот проект, вреден преку еден милион евра, кој вклучува изградба и реконструкција на комуналната линија и коловозот, ќе се создадат подобри услови за живот на граѓаните, а и значително ќе се олесни сообраќајот. Исто така, сакам да истакнам дека ова е само почеток на силни градежни активности, нè очекуваат голем број проекти кои ќе се реализираат во текот на оваа година, а за сите нив веќе се обезбедени потребните финансиски средства. Со еден збор, тоа што го ветивме, го исполнуваме – изјави Петровска.

Поврзани содржини