Граѓаните со минималец ќе ги плаќаат на рати и без камати сметките за парно и за струја
Претседателот на РКЕ вели дека е рано да се каже дали цената на струјата ќе остане непроменета.
Граѓаните кои се погодени од корона кризата односно земаат минимални плати, сметките за март, април и мај ќе ги плаќаат на рати и без камата, вели во интервју за Радио Слободна Европа, претседателот на РКЕ Марко Бислимовски. Најавува дека во текот на следниот месец ќе почнат да пристигнуваат порамнителните сметки за топлинска енергија кои пак ќе бидат намалени за најмалку 20 проценти. Дали цената на струјата ќе остане непроменета е рано да се каже, вели Бислимовски.
– Имајќи предвид дека сме во секојдневна комуникација со компаниите од енергетскиот сектор имаме значително подобрена ситуација во однос на плаќањето на сметките по добивањето на платата кај администрацијата, така што им се заблагодарувам на сите граѓани коишто покажаа солидарност во овие тешки времиња и очекувам дека оние потрошувачи, оние домаќинства кои што не се погодени, односно немаат намалени приходи и во идниот период да продолжат да си ги покриваат своите режиски трошоци. Се разбира дека водевме сметка и за погодените граѓани и сакам и официјално да објавам дека во комуникација и во договор со компаниите од енергетскиот сектор – ЕВН и БЕГ снабдување, на погодените граѓани ќе се овозможи за месеците мај, април и март да можат своите трошоци доколку не се во можност да ги покријат да ги плаќаат на рати и притоа каматата заради заостанатото плаќање нема да се калкулира, значи за три месеци ќе имаат можност најпогодените граѓани да си ги платат своите трошоци за електрична енергија и за топлинска енергија на рати и притоа каматата воопшто нема да им се калкулира – рече Бислимовски.
Тој најави дека во текот на мај ќе почнат да пристигнуваат и порамнителните сметки на потрошувачите за топлинска енергија и тие ќе бидат намалени за најмалку 20 проценти што ќе претставува уште едно значително олеснување на граѓаните.