Од 15-ти март па сѐ до денес, Државниот инспекторат за земјоделство изврши 4.100 фитосанитарни прегледи, при што овозможи и во вонредна состојба извозот и увозот на земјоделски производи да се одвива без било каков застој, соопшти Државниот инспекторат за земјоделство.
Сите погранични пунктови, како и пунктовите во внатрешноста на државата на Државниот инспекторат за земјоделство секојдневно работат. Најоптеретени беа пунктовите на граничните премини Табановце, Блаце, Деве Баир, Богородица и Ново Село, како и на царинскиот терминал во Струмица. Соработката на Инспекторатот со извозниците и увозниците на земјоделски производи, како со Царинската управа, со Агенцијата за храна и ветеринарство и со другите институции е на високо ниво.
Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Зоран Шапуриќ, го посети пункот на инспекторатот во Табановце и се увери дека меѓународниот промет се одвива без било какви проблеми. Инспекторите од раните утрински часови па сѐ до вечерните часови постојано работат.
Правните лица кои го вршат извозот и увозот во Македонија истакнаа дека се задоволни од ефикасноста на работењето на инспекторите кои даваат значаен придонес во пласманот на домашните земјоделски производи.
Само денес до 16 часот на граничниот премин Табановце извршени се 87 фитосанитарни прегледи, од страна на инспекторите на Државниот инспекторат за земјоделство.