Од петокот до денеска во „Аџибадем Систина“ тестирани 326, ИгМ позитивни 23 лица

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ набави 50.000 серумски рапид тестови, а од утре се очекува значително зголемување на бројот на тестирањата.

1,759

Од петокот, 27 март, до денеска, понеделник, 30 март, со брзите тестови за Ковид-19, во клиничката болница „Аџибадем Систина“ се тестирани 326 лица, од кои ИгМ позитивни се 23. Присуството на овие антитела укажува на веројатна акутна инфекција со коронавирусот.

Од утре се очекува значително зголемување на бројот на тестирањата, со оглед на тоа што во деновите на викендот, лабораторијата практично работеше со скратено работно време, поради полицискиот час кој во сабота и недела почнува во 16 часот.






Околу 80 отсто од лицата кои се тестираат во „Аџибадем Систина“ се без акутни симптоми. Станува збор главно за луѓе кои се сомневаат дека биле во контакт со заразени од коронавирус, или работат во средини каде што се појавиле такви случаи.

Голем е интересот кај компании кои работат и во услови на епидемија, да ги тестираат своите вработени и да ја утврдат нивната работоспособност. Околу 500 вработени во три македонски компании ќе бидат тестирани уште во текот на оваа недела.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ набави 50.000 серумски рапид тестови за брзо детектирање на антителата ИгМ-ИгГ, кои можат ефикасно да детектираат присуство на вирусната инфекција или претходен контакт со вирусната инфекција преку имунолошкиот статус на телото. Тестирањето се врши со земање крв, а процесот трае не подолго од 10 минути.

Во принцип, позитивните резултати од брзите тестови се проверуваат со т.н. молекуларни тестови, до потврдувањето на прецизноста на рапид-тестовите во голем процент. Ваквиот начин на тестирање е дел од стратегијата за омасовување на тестирањето, согласно препораката на Светската здравствена организација „Тестирај, тестирај, тестирај“, која станува се поактуелна.

Поврзани содржини