Сакале да се соочиме со тоа или не, оваа учебна година речиси заврши. Со оглед на тоа што сѐ уште не сме го достигнале пикот на заразата со коронавирусот во земјава, и не може да се процени кога тоа ќе се случи, а веќе истекуваат првите две недели принуден распуст за училиштата, и имајќи го предвид фактот дека од час во час се менува ситуацијата, според најоптимистичкото лаичко сценарио, денеска може да се каже дека децата би се вратиле во клупите некаде во периодот кога ќе треба да настапи календарскиот крај на учебната година.
Тоа значи дека ќе изгубат многу од наставата, од дружењето, од детството. Имајќи ги предвид овие факти, време е наставниците да се самоорганизираат и да им се вратат на своите ученици, кои сега се препуштени сами на себе, а на кои сега им е најпотребна анимација, активност и поддршка. Ова прво треба да го сфатат самите наставници и веднаш да си направат план за работа со децата. Не чекајте директорот, градоначалникот или министерот да ве организираат. Ова е вонредна ситуација и за вас и за наставата. Самите бидете иницијатори. Секој наставник денес има можност да комуницира со секое дете преку мејл или преку разни групи на социјалните мрежи. Не сте на одмор! Ок, сигурно веќе ги средивте сите фиоки, сите затурени катчиња во домот, ги преправте завесите и сл. Сега фатете се со децата. Зашто ако се продолжи учебната година до јули-август прво вие ќе се побуните. Децата веќе изгубија настава од две недели, надоместете им што можете и продолжете понатаму со програмата. Не седете со скрстени раце.
Има начин како да ги организирате децата и без физичко присуство. Еднаш неделно давајте им домашни задачи, лекции кои треба да ги научат и да ги прочитаат, лектири кои треба да ги прочитаат и раскажат, нека ви ги праќаат домашните преку мејл. Спремајте тестови, одржувајте настава. Не им го губете времето на децата.
Ве поддржавме кога штрајкувавте за повисоки плати, не ги носевме децата на училиште. Сега е време да им возвратите на вашите ученици. Овој и наредните месеци најверојатно вашите плати нема да заостанат, но проблем можат да имаат многу други родители чии фирми веќе се во финансиска криза. Затоа дајте сѐ од себе! Покажете дека гордо ги носите титулите – учители, наставници, професори. Бидете пример. Почнете сега! Има како, треба само волја.
Децата не можат да ја сфатат магнитудата на последиците кои сега лично ги трпат. Тие се дезориентирани, не знаат што да прават со себе. Знаат дека не се на распуст, но денгубат. Немаат самодисциплина, не можат самите да се организираат, не ги слушаат родителите. Спијат до пладне и подоцна. И денот и сонот им се нарушени. Деца што имаат 11, 12, 13 години, седат дома сами, зашто бабите и дедовците не смеат да ризикуваат да излезат од дома за да ги чуваат, а еден родител не е ослободен да седи дома со таа возрасна популација.
На оваа возраст вие сте им авторитет на децата. Направете го тоа што ни родителите не можат. Осмислете им го секојдневието. Одржете го контактот со своите ученици.
Децата се исплашени. Читаат и знаат сѐ за вирусот што демне и се плашат. Од толку многу обврски, школки и воншколски, одеднаш тие седат дома во четири ѕида и ништо не прават. Стануваат апатични и депресивни. Нервозни и фрустрирани. Се плашат да излезат надвор. Веќе имаат трауми. И што е најстрашно – никој не може да им каже колку време оваа изолација ќе трае и како тоа ќе се одрази врз нивното ментално здравје. Затоа е важно да имаат обврски, да се чувствуваат ангажирани, потребни и да бидат вклучени во нешто. Барем дел од денот да мислат на инспиративни и мотивирачки теми, вклучително и на тоа дека еден ден некој од нив можеби ќе најде лек за некоја болест или решение за некој проблем во нашето глобално село.
Остани дома, држи час!