НА ХАРТИЈА, 25 МИЛИЈАРДИ ЗА НУКЛЕАРНО РАЗОРУЖУВАЊЕ НА ИРАН Техеран објави дел од меморандумот со САД

Според ирански извор, Техеран се обврзал да не произведува ниту да поседува нуклеарно оружје, а за возврат би добил олеснување на санкциите и пристап до замрзнати средства од САД вредни 25 милијарди долари.

169

Иран и САД постигнале договор за нацрт-меморандумот што треба да ја отвори вратата за поширок договор меѓу двете земји, тврди висок ирански функционер за Ројтерс, пренесе Скај Њуз.

Според објавените детали, Техеран прифатил обврска да не произведува и да не стекнува нуклеарно оружје, додека Вашингтон би ослободил замрзнати ирански средства во вредност од 25 милијарди долари. Американската страна досега не ја коментираше или демантираше содржината на меморандумот.






Информацијата доаѓа во момент кога медиумите најавија можно потпишување денеска, 14 јуни, што Иран го демантираше.

Што предвидува нацрт-договорот?

Според иранскиот извор, прашањето за постојните залихи на збогатен ураниум ќе биде предмет на дополнителни разговори во следните 60 дена.

Техеран инсистира секое разредување на нуклеарниот материјал да се спроведе на иранска територија.

Нацрт-договорот предвидува и привремено олеснување на санкциите за извоз на иранска нафта, што би му овозможило на Иран повторно да продава нафта и да располага со приходите.

Ормускиот Tеснец повторно во фокусот

Еден од најважните делови од договорот е повторното отворање на Ормускиот Теснец за меѓународниот поморски сообраќај.

Според истите информации, Иран би го деблокирал клучниот морски премин, додека САД би ја укинале поморската блокада на иранските пристаништа.

Ормускиот теснец е меѓу најважните светски рути за транспорт на нафта и природен гас.

Трамп очекува брз договор

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека очекува договорот да биде потпишан наскоро и повтори дека главна цел е Иран да не дојде до нуклеарно оружје.

Во меѓувреме, катарски посредници пристигнале во Техеран за да помогнат во финализирањето на договорот, додека Пакистан и Катар продолжуваат да посредуваат меѓу двете страни.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи претходно порача дека договорот е блиску, но предупреди дека конечниот текст сè уште не е завршен.

Поврзани содржини