15 ПОЖАРИ ЗА ЕДЕН ДЕН, 2 СÈ УШТЕ ГОРАТ Огнот активен кај Македонски Брод и на Огражден

Пожарникарите изгаснале 12 пожари низ државата, а огнот на градската депонија во Делчево е ставен под контрола.

0

Пожари на отворено денеска избувнале на 15 локации низ Македонија. До 18 часот 12 биле изгаснати, 1 бил ставен под контрола, а битката со огнот продолжува на 2 места, соопшти Центарот за управување со кризи.

Активен останува пожарот во Општина Македонски Брод. Огнот гори кај месноста Видуш, во близина на селото Драгов Дол.






Таму се зафатени ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Вториот активен пожар е во Општина Ново Село, на планината Огражден. Кај Ново Село гори депонија, а пламенот зафатил и мешана деградирана шума и ниска вегетација.

Пожарот на градската депонија во Делчево е ставен под контрола, информира ЦУК.

Изгаснати се пожарите кај Блатец во Општина Виница и во населбата Света Петка во Штип. Огнот е изгаснат и кај Горенци во Општина Центар Жупа и кај Бачинци во Општина Кичево.

Интервенциите завршиле и во близина на Филтерната станица за вода во Општина Лозово. Изгаснат е и пожарот во населбата Средорек во Куманово.

На списокот се уште Милетино во Општина Брвеница и Долна Лешница во Општина Желино. Изгаснати се и пожарите кај Слатина во Општина Теарце и во близина на ресторанот Чифлик во Општина Врапчиште.

ЦУК соопшти дека се изгаснати и пожарите кај Трубарево во Општина Гази Баба и кај Долно Свиларе во Општина Сарај.

Поврзани содржини