11 ДРЖАВИ БАРААТ ЕДНА ГОДИНА ДА СОПРЕ НОСЕЊЕТО ЕВРОПСКИ ЗАКОНИ Да се намали регулативата, за да растат бизнисите
Иницијативата ја потпишаа Австрија, Германија, Данска, Италија, Литванија, Словачка, Словенија, Полска, Португалија, Унгарија и Чешка.
Австрија предводи група од 11 земји-членки на ЕУ, кои се залагаат 12 месеци да не се усвојуваат нови закони и регулативи, со цел да се спроведе она што австриската министерката за европски прашања Клаудија Бауер го опиша како „година на поедноставување“.
Иницијативата ја потпишаа Австрија, Германија, Данска, Италија, Литванија, Словачка, Словенија, Полска, Португалија, Унгарија и Чешка.
– Не можеме да продолжиме да поднесуваме нови законски предлози сè додека постојните правила не се целосно имплементирани – вели министерката Бауер.
Таа додаде дека Брисел работи напорно на воведување пакет мерки за намалување на административните бариери, познати како омнибус пакети, но дека таквите напори не се доволни.
Според Бауер, не треба да стане правило да се усвојуваат нови регулативи, а потоа да се усвојуваат низа други акти за нивно поедноставување.
– Поедноставувањето треба да започне пред усвојувањето на регулативите – нагласи Бауер.
Потписниците на иницијативата бараат сите закони предложени од Брисел да бидат подложени на ригорозна процена, за да се утврди нивната соодветност и дали придонесуваат кон пошироката цел за зајакнување на економската конкурентност. Тие исто така бараат сите нови регулативи да бидат предмет на процена на влијанието на секои 5 години.
Неколку потписници, исто така, бараат значително намалување на оперативните трошоци на ЕУ, што би можело да се вклопи со намалување на обемот на законодавството.
Иако Европската Унија постојано зборува за поедноставување на процедурите, од Брисел непрекинато пристигнуваат нови регулативи, идеи и законски предлози.
Целта на иницијативата е европските институции да ги ревидираат и да ги прочистат постојните правила и да ги дефинираат клучните приоритети што ќе помогнат во зајакнувањето на конкурентноста на ЕУ; односно, да се скрати обемната европска бирократија и да се направи бизнис-климата во Унијата попривлечна за инвестиции.
Тековната прекумерна регулатива, која многумина ја гледаат како пречка, не само што го кочи приливот на странски капитал, туку ги принудува и домашните инвеститори од ЕУ да бараат поатрактивни пазари за развој на својот бизнис.