ЖЕШТИНИТЕ НОСАТ НОВА ОПАСНОСТ, ВНИМАВАЈТЕ СО ХРАНАТА Итно предупредување од АХВ пред екстремните горештини

Агенцијата за храна и ветеринарство апелира на внимателно купување, правилно чување и термичка обработка на храната, бидејќи температурите до 40 степени создаваат идеални услови за развој на опасни бактерии.

0

Новиот топлотен бран, кој според метеоролозите во одредени делови од земјава ќе донесе температури до 40 степени Целзиусови, значително го зголемува ризикот од труење со храна. Високите температури претставуваат опасност и за здравјето на животните, доколку не им се обезбедат доволно безбедна храна и свежа вода.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелираат граѓаните да бидат особено внимателни при купување, транспорт и чување на храната во текот на летните горештини.






Препораката е храната да се купува исклучиво од проверени продажни места, каде што лесно расипливите производи од животинско потекло се чуваат во разладни уреди.

Од АХВ советуваат да не се купуваат производи со оштетена, надуена или напукната амбалажа. Разладените и замрзнатите производи треба да се купуваат на крајот од пазарењето, а месото, млекото, јајцата и другите лесно расипливи намирници да не се оставаат подолго време во автомобил или на високи температури.

Разладената храна треба да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, додека храната што се подготвува термички треба добро да се обработи. Овошјето и зеленчукот задолжително треба темелно да се измијат, а месото, млекото и јајцата добро да се зготват.

По подготовката, храната треба да се излади и да се чува во фрижидер. Зготвената храна треба да биде на горните полици, а суровата на долните, за да се избегне вкрстена контаминација. Исто така, храната треба да биде заштитена од инсекти, глодари, домашни миленици и други животни.

Доколку граѓаните јадат во угостителски објекти, АХВ препорачува да избираат локали што водат сметка за хигиената и безбедноста на храната.

Особено внимание треба да се обрне во објектите за брза храна, каде што мајонезот, кечапот, крем-салатите, сосовите и другите додатоци треба да се чуваат во ладилник.

„Доколку се сомневате дека храната не е безбедна, не ризикувајте – фрлете ја“, апелираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Поврзани содржини