ЗЕЛЕНСКИ РЕЧЕ „СЛОБОДА ИЛИ СМРТ“ ПРЕД ГРЧКИТЕ ПРАТЕНИЦИ Ги потсети дека „Филики Етерија“ било основано во Одеса
Со оглед на тоа дека во украинскиот град Одеса во 1814 година беше основана грчката тајна организација „Филики Етерија“ со цел да ја собори отоманската власт во Грција, Зеленски рече дека сега би можела да се формира нова „Филики етерија“ во Грција „за да се бори и да ги спаси и Украина и хеленизмот во Украина“.
Слобода или смрт велеа вашите револуционери, истото го велиме и ние сега, бидејќи се соочуваме со желба да се уништи Украина, порача претседателот на Украина Володимир Зеленски за време на неговиот говор, преку видеоконференција, во грчкиот Парламент и паралелно истакна дека на Украина ѝ треба помош, потребно ѝ е оружје, но и бродовите и танкерите од руски интерес да немаат пристап до европските пристаништа, јави дописничката на МИА од Атина.
Потенцираше дека треба јасно да се кажат работите, „уште од почеток, дејствата на Русија не беа само против Украина, туку и против Европа“, споменувајќи ги недостатоците што се предизвикани и посочувајќи дека потребно е со последиците да има соочување на европско ниво.
– Сè додека трае оваа страшна војна, не треба да му се дозволи на никој брод регистриран за руски интереси да пристгнува на европски пристаништа. Парите што ги добиваат на овој начин, ги користат за ракети и проектили со кои ги уништуваат нашите градови. Никаков прием за руските танкер. На Украина потребни ѝ се санкциите, но исто така потребно ѝ е и оружје. Ни требаат противвоздушни системи противтенковиски, оклопни возила и низа други работи кои нашите западни сојузници ги знаат многу добро. И само вака ќе можеме да ја спасиме Украина и ако ја имаме оваа поддршка и солидарност, ќе ја спасиме – истакна украинскиот претседател.
Обраќањето се пренесуваше во живо, преку Собранискиот канал, а украинскиот претседател поголемиот дел од говорот го посвети на Марипол, градот каде што живе грчката заедница, осврнувајќи се на врските меѓу Грција и Украина.
Зеленски упати молба, Грција да го искориси нејзиното влијание како член на Европската Унија „за подобро да го организираме било кое спасување во Мариупол“.
– Русите се разбудија од сонот дека ќе успеат да ја покорат Украина. Украина е исправена и во овој момент треба заедно да го спасиме она што заедно го создадоа Грци и Украинци – истакна Зеленски.
Со оглед на тоа дека во украинскиот град Одеса во 1814 година беше основана грчката тајна организација „Филики Етерија“ со цел да ја собори отоманската власт во Грција, Зеленски рече дека сега би можела да се формира нова „Филики етерија“ во Грција „за да се бори и да ги спаси и Украина и хеленизмот во Украина“.
– На Мариупол и на Одеса им е потребна помош, итна помош, итна поддршка – рече Зеленски, објаснувајќи дека Русите напаѓаат и преку копно, и од воздух и по море, но изрази уверување дека „со грчка помош во пракса, можеме да победиме“ и додаде дека треба да се најде начин да се исфрли руската војска од украинска територија, „така што да научи напаѓачот дека оној кој ја одбира војната, на крајот ќе изгуби“.
Говорот во грчкиот Парламент, Зеленски го заврши со пораката „Слава на Украина“, а неговото обраќање беше проследено со аплауз од присутните.
Претседателот на Парламентот Константинос Тасулас истакна дека „помагајќи ѝ на Украина ѝ помагаме на слободата“, а на почетокот од специјалната седница рече дека тоа е историска седница, посветена на херојскиот народ во Украина кој се бори и брани, повторувајќи ја грчката поддршка.
На седницата свикана за говорот на Зеленски присутни беа грчкиот премиер, претседателката на Грција, амбасадорот на Украина и пратениците на Нова демократија, СИРИЗА и Движењето за промена, додека пак Комунистичката партија и десничарската Грчко решение отсуствуваа, а МЕРА25 имаше еден претставник.