СКАНДАЛ СО КОВИД-НАБАВКИТЕ, МИНИСТЕР ДОБИ 24 ГОДИНИ ЗАТВОР Шпанскиот суд го прогласи за виновен за поткуп и злоупотреби

Врховниот суд на Шпанија го прогласи Хосе Луис Абалос за виновен за корупција поврзана со јавни набавки на медицинска опрема за време на пандемијата, додека неговиот соработник доби 19 години затвор.

0

Врховниот суд на Шпанија денеска го осуди поранешниот министер за транспорт Хосе Луис Абалос на 24 години затвор поради корупција, што претставува прва пресуда од серијата скандали кои ја засегаат владејачката Шпанска социјалистичка работничка партија.

Абалос беше прогласен за виновен по обвиненијата за учество во криминална организација, примање поткуп, злоупотреба на средства и за трговија со влијание.






Обвиненијата се поврзани со местење јавни набавки за медицинска опрема, вклучително и заштитни маски за време на пандемијата на Ковид-19, кога тој ја извршуваше министерската функција.

Неговиот соработник Колдо Гарсија е осуден на 19 години затвор.

Бизнисменот Виктор де Алдама, кој се смета за посредник во шемата, доби затворска казна од четири и пол години. Извршувањето на казната е условно одложено откако тој соработувал со истражителите и помогнал во разоткривањето на корупциската мрежа. Условите предвидуваат Алдама да не изврши ново кривично дело, двапати годишно да поднесува извештај за своите активности и една година да извршува општествено корисна работа.

Овој случај е дел од повеќето истраги за корупција поврзани со кругови блиски до шпанскиот премиер Педро Санчез.

Санчез, кој е еден од ретките преостанати левичарски лидери во Европа, дојде на власт пред осум години токму со ветувањето дека ќе ја исчисти политиката од корупција. Иако се соочува со критики и од дел од своите сојузници, Санчез не е опфатен со ниту еден од предметите и тврди дека истрагите се дел од кампања насочена кон негово политичко дискредитирање и отстранување.

Поврзани содржини