ЗЕЛЕНСКИ МУ ДАДЕ ОРДЕН НА МАСК, НО ИМА И БАРАЊЕ Киев сака да падне последната завеса за „Старлинк“
Украина веќе го користи „Старлинк“ за воени операции, но Илон Маск сè уште не дозволува системот да поддржува удари длабоко во Русија. Зеленски го одликува Маск со орден и побара пристап до нови можности.
Претседателот на Украина Володимир Зеленски го одликува познатиот милијадер Илон Маск со украинскиот Орден на слободата, во време кога Киев бара од него нешто што досега не го добил.
Украина сака „Старлинк“ да работи и на беспилотни летала што навлегуваат длабоко во Русија. Маск, според достапните информации, сè уште не дал таква согласност, пишува Киев Индепендент.
Целта е да може да напаѓа руски лансери на балистички ракети до околу 200 километри во руска територија, пишува Фајненшл Тајмс.
Украинскиот претседател го образложил одликувањето со придонесот на Маск во заштитата на човечкиот живот и слободата. Како причина го навел и развојот на односите меѓу народите на Украина и на САД.
Русија останува забранета територија
„Старлинк“ веќе има важна улога во украинските воени операции. Системот овозможува стабилна комуникација меѓу единиците, командните места и беспилотните летала.
Украинските сили користат дронови поврзани со „Старлинк“ и за удари десетици километри зад фронтот. Ројтерс во јули објави дека ваквите летала се користат против логистика, складишта за гориво, противвоздушни системи и командни центри.
Но, тука постои важна граница.
Маск дозволува „Старлинк“ да функционира во Украина, вклучително и над делови од територијата окупирана од Русија. Тој, сепак, ја ограничува неговата употреба над самата територија на Русија, пишува Еј-Пи Њуз.
Според „Фајненшл тајмс“, Маск стравува дека овозможувањето украински напади преку „Старлинк“ длабоко во Русија би претставувало дополнителна ескалација на војната.
Зеленски дури побарал од претседателот на САД Доналд Трамп да помогне во убедувањето на Маск. Киев сака ограничувањето да биде тргнато за одредени операции против руски ракетни системи. Засега нема потврда дека Маск се премислил.
Русите останаа без „Старлинк“
Односот на Киев со Маск има и друга страна. Украина и „Спејс екс“ годинава соработуваа за да ја спречат руската војска да користи неовластени терминали.
Проблемот стана сериозен откако руските сили почнаа да поставуваат „Старлинк“ на беспилотни летала. Така добиваа стабилна врска, отпорна на електронско попречување, и можност за напади подлабоко зад украинските линии.
На почетокот на февруари „Спејс икс“ воведе ограничувања. Украина потоа воспостави систем за регистрација, односно „бела листа“ на дозволени терминали. Нерегистрираните требаше да бидат исклучени.
Мерката сериозно ги погодила руските операции. Украински воени извори процениле дека ефикасноста на дел од руските операции со беспилотни летала паднала за 20 до 40 проценти во првите недели по ограничувањето.