🎥 БУНКЕР СО ОКОЛУ 2.000 СТЕБЛА МАРИХУАНА ОТКРИЕН ПОД ДЕТСКО ИГРАЛИШТЕ Трошел струја колку 100 домаќинства
Ненормално високата потрошувачка на струја (еквивалентна на околу 100 домаќинства) била еден од главните физички докази дека на имотот се одвива масовно производство.
Шпанската Цивилна гарда (Guardia Civil) откри софистициран подземен бункер со 1.954 стебла канабис под детско игралиште во местото Лас Габијас, во близина на Гранада. Операцијата наречена „Назари-Сабика 04“ (Nazarí-Sabika 04) резултираше со разбивање на криминална мрежа која снабдувала слични групи низ цела Шпанија.
Како изгледал и како функционирал бункерот?
На површината изгледал како обичен двор со вештачка трева, лулашка, детска куќичка и душек. Под тревата имало скриен отвор кој активирал хидраулична врата на подигање.
Подземниот објект зафаќал површина од околу 180 квадратни метри и бил висок 5 метри. Имал изградена рампа доволно голема за внатре да влегуваат возила за транспорт.
Просторот бил поделен на две големи хали со напредни системи за осветлување, вентилација и контрола на климата. Бункерот бил нелегално приклучен на електричната мрежа, при што трошел струја колку стотина домаќинства.
Една година детална истрага
Бункерот бил откриен по повеќе од една година детална разузнавачка истрага, а не случајно. Истрагата ја воделе Групата за криминалистичка анализа и разузнавање (GAIC) и одделот за истраги на Цивилната гарда од Лас Габијас.
Истражителите го следеле главниот организатор кој поседувал специјализирана продавница за опрема за одгледување канабис. Преку овој легален бизнис, тој снабдувал други криминални групи низ Шпанија, но и го извлекувал материјалот за сопствената плантажа.
Агентите лоцирале надворешна електрична трафостаница (кула) од која криминалците направиле див приклучок за да го напојуваат подземниот објект. Ненормално високата потрошувачка на струја (еквивалентна на околу 100 домаќинства) била еден од главните физички докази дека на имотот се одвива масовно производство.
Откако собрале доволно докази, на 17 ноември полицијата извршила 13 истовремени претреси на различни локации во Гранада и околните места. При претресот на големиот имот во Лас Габијас, агентите го откриле скриениот механизам под детското игралиште.
Најголема илегална подземна инфраструктура во Гранада
Уапсени се пет лица, меѓу кои и наводниот водач на групата кому му е одреден притвор. Уште три лица се под истрага за производство и трговија со дрога и кражба на електрична енергија.
Покрај бункерот, полицијата открила уште две помали плантажи и запечатила специјализирана продавница за опрема за одгледување канабис („grow shop“) вредна неколку милиони евра, преку која групата продавала материјали на други криминални организации.
Според истражителите, ова е најголемата и најсофистицираната илегална подземна инфраструктура за одгледување марихуана откриена досега во провинцијата Гранада.
Според официјалните податоци од шпанските безбедносни служби, на ниво на цела Шпанија веќе биле откриени поголеми подземни бункери. Во 2021 година, во рамките на операцијата „Бункер“, шпанската полиција откри подземен објект со површина од над 200 квадратни метри во кој беа запленети 2.466 стебла канабис, што тогаш беше прогласено за најголема подземна плантажа во целата земја.