РУСКИ ОЛИГАРХ „ЈА СМИРИЛ ТОПКАТА“ МЕЃУ РУСИЈА И ФИНСКА Разговорот за деескалација траел 90 минути

Москва се заканила со превентивни нуклеарни напади поради страв од поморска блокада. Телефонскиот разговор меѓу лидерите траел 90 минути.

200

Руски олигарх со директен пристап до Кремљ посредувал во тајните дипломатски контакти за спречување воен конфликт во Балтичкото Море, тврди американскиот „Волстрит џурнал“. Претседателот на Финска, Александар Стуб, и премиерот на Норвешка, Јонас Гар Сторе, преку него испратиле порака до рускиот претседател Владимир Путин.

Неколку дена подоцна тројцата лидери разговарале телефонски.






Рускиот олигарх отпатувал во Норвешка на разговори со високи функционери. Потоа се вратил во Москва за лично да му ја пренесе пораката на Путин. Стуб претходно стравувал дека уверувањата испратени преку рускиот амбасадор во Финска нема да стигнат до рускиот претседател.

Официјалната тема на телефонскиот разговор на 27 октомври била прекинувањето на војната во Украина. Но, двајцата нордиски лидери имале и друга итна задача.

– Немаме намера да го блокираме Балтикот во време на мир, можете да бидете сигурни во тоа. Ќе дејствуваме во согласност со законот – му рекол Стуб на Путин, според двајца соговорници на весникот кои присуствувале на разговорот.

Путин подоцна јавно ги пофалил Стуб и Сторе, но предупредил дека некој сака да го претвори Балтикот во нов Ормуски Теснец.

Москва се заканила со нуклеарен одговор

Преку Балтичкото Море Русија транспортира повеќе од 60% од нафтата што ја извезува по морски пат. Западните земји ги засилија инспекциите на танкерите од таканаречената руска флота во сенка.

Од крајот на 2024 година западните власти запреле или провериле најмалку 14 сомнителни танкери. Москва одговорила со испраќање воени бродови како придружба. Германската крајбрежна стража регистрирала 260 такви придружби во Балтичкото и во Северното Море за нешто повеќе од една година.

Тензиите особено се зголемиле на 30 јуни. Руска корвета тргнала кон активисти на „Гринпис“ кои со глисери се приближиле до руски танкер. Германската крајбрежна стража интервенирала за да ги заштити демонстрантите. Германскиот командант успеал да ја смири ситуацијата преку радиоврска.

Во септември Кремљ испратил писмено предупредување до НАТО. Москва се заканила со превентивни нуклеарни напади за заштита на своите интереси во Балтикот, дури и без напад врз руската територија.

Пентагон кон крајот на октомври ги предупредил сојузниците од Балтикот да ја ублажат реториката кон Русија.

Украински дронови го тестираа ветувањето на Стуб

Украински беспилотни летала неодамна го нападнаа рускиот товарен брод „Спарта 2“, кој потоа навлезе во територијалните води на Финска.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во интервју за „Блумберг“ изјави дека бродот превезувал оружје. Тој призна дека некои европски партнери на Киев се загрижени поради ваквите напади во Балтикот.

Властите на Финска почнаа спасувачка операција во координација со Русија. Пожарот беше изгаснат, а Финска им дозволи на Русите да го одвлечат оштетениот брод. Со тоа, според американскиот весник, беше избегната нова ескалација меѓу Русија и НАТО.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во понеделникот побара од земјите на Балтикот да го искористат своето влијание врз Киев за да спречат слични напади.

Поврзани содржини