ЗЕЛЕНСКИ ЌЕ БИДЕ ВО ГОЛЕМА НЕВОЛЈА АКО ГО ОТФРЛИ ДОГОВОРОТ ЗА РЕТКИ МИНЕРАЛИ Трамп го опомена претседателот на Украина
Се договоривме за тоа, а сега тој (претседателот на Украина, Володимир Зеленски) вели дека сака повторно да преговара. Тој сака Украина да стане членка на НАТО. Значи, таа никогаш нема да биде членка на Алијансата и тој го разбира тоа, па затоа сега бара повторно преговарање, наведе претседателот на САД, Доналд Трамп.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, синоќа го предупреди претседателот на Украина, Володимир Зеленски, да не го отфрла договорот за ретки минерали бидејќи може да биде „во голема неволја“.
– Гледам дека тој (Зеленски) се обидува да се повлече од договорот за минерални суровини. И ако го направи тоа, ќе биде во неволја. Ќе има големи, големи проблеми – истакна Трамп.
Тој врши притисок врз Зеленски да потпише договор со кој им се дозволува на американските компании да ископуваат украински минерали додека се преговара за договор за прекин на огнот помеѓу Украина и Русија.
– Се договоривме за тоа, а сега тој (Зеленски) вели дека сака повторно да преговара. Тој сака Украина да стане членка на НАТО. Значи, таа никогаш нема да биде членка на Алијансата и тој го разбира тоа. Затоа сега бара повторно преговарање – наведе Трамп.
Зеленски на 28 март, по добивањето на новиот американски нацр-договор, кој според него е „драматично проширен“, изјави дека Киев нема да прифати никаков договор за ретки минерали, кој би ја загрозил интеграцијата во Европска Унија.
Со последниот американски предлог се бара од Киев да му ги испрати на Вашингтон сите приходи од заедничкиот инвестициски фонд, што ќе ги контролира украинските ресурси, додека Украина не ја плати американската воена помош со камата. Според последниот нацрт, Украина нема да има безбедносни гаранции и од неа се бара да придонесе во фондот со приходи од природни ресурси управувани од државни и приватни компании.
Нацрт-договорот предвидува Вашингтон да има приоритет при купување ресурси и при враќање на сите пари, испратени во Украина од 2022 година, со годишна каматна стапка од 4%, пред Украина да добие пристап до приходите на фондот.
Со заедничкиот инвестициски фонд би управувала американската корпорација за меѓународен развој, а фондот би имал 5 членови на одборот, од кои тројца би биле назначени од САД и двајца од Украина. Средствата би се заменувале за девизи и би се испраќале во странство.