ЗДРАВСТВЕНОТО ОСИГУРУВАЊЕ НА ПЕНЗИОНЕРИТЕ ЧИНИ 220 МИЛИОНИ ЕВРА ГОДИШНО Мемов предлага да се најде нов модел за обезбедување пари за оваа осигурување
Директорот на Фондот за ПИОМ појаснува дека Фондот одвојува средства за здравствено осигурување на пензионерите од средствата од придонесите за пензиско осигурување на сегашните осигуреници.
Директорот на Фондот за ПИОМ, Никола Мемов предлага да се најде нов модел на здравственото осигурување на пензионерите, наместо да се користат пари од уплатените придонеси на сегашните вработени. Со тоа, според него , би ќе се ослободат 220 милиони евра пари кои фондот годишно ги уплаќа за таа намена.
Мемов смета дека ова претставува дополнителен товар за пензискиот фонд.
-Фондот на ПИОМ секој месец одвојува средства за здравственото осигурување на пензионерите. Оваа обврска, која се реализира согласно законското решение, претставува посебен товар за Фондот. Средствата што се издвојуваат и се префрлаат во Фондот за здравство се во висина од 11,8% од нето-исплатената пензија. Претходно, односно до 31 декември 2025 година, се одвојуваа 13% од нето-исплатената пензија. На годишно ниво, таа сума изнесува 13,7 милијарди денари, односно над 220 милиони евра. Да појаснам дека Фондот одвојува средства за здравствено осигурување на пензионерите од средствата од придонесите за пензиско осигурување на сегашните осигуреници. Тука треба да има промена и да се најде поинаков начин на финансирање на здравственото осигурување на пензионерите, а не како што е сега, да се финансира од придонесите за пензиско осигурување. – вели Мемов во интервју за порталот Економија и бизнис.