ЗАМИНА ЧОВЕКОТ ШТО НЀ НАУЧИ КАКО ЗВУЧИ ЉУБОВТА НА МАКЕДОНСКИ Македонија со тага се простува од својот вечен романтичар
По смртта на Владо Јаневски, колеги, пријатели и илјадници обожаватели споделуваат спомени за човекот чии песни станаа дел од животот на неколку генерации.
Македонија денес се простува и тагува по својот омилен пејач, глас што повеќе од три децении беше саундтрак на љубовите, разделбите, младоста и спомените на неколку генерации. Човекот, кој, како што напиша една обожавателка, „покажа како звучи љубовта на македонски“.

По веста дека по кратко боледување почина Владо Јаневски на 66-годишна возраст, социјалните мрежи се претворија во место на колективно сеќавање. Наместо формални пораки, илјадници луѓе почнаа да објавуваат стихови од неговите песни, фотографии од концерти, снимки од стари настапи и лични приказни поврзани со музиката што ја создаваше.
Меѓу првите што јавно се простија беше Калиопи, која со емотивни зборови се збогуваше со својот долгогодишен колега и пријател.
„Си замина тивко, без поздрав… кога беше најпотребен. Со тебе заминува едно време, а остануваат песните што ќе нè потсетуваат на твојата душа“, напиша таа.
Слични пораки пристигнаа и од бројни музичари, актери, новинари и јавни личности, кои не зборуваа само за неговата музика, туку и за човекот зад неа – скромен, духовит, образован и ненаметлив. Во нивните сеќавања често се повторуваше истата мисла: Македонија изгуби еден од своите најголеми автори.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски сподели сведоштво за ширината на Владо Јаневски, кој со само еден збор му го отстапил правото на Ѓорѓиевски да го користи неговиот безвременски хит „Ова е само наше Скопје“ да биде употребен како еден вид химна во неговата кампања.
Но најемотивни беа реакциите на обичните луѓе. На социјалните мрежи илјадници обожаватели ги споделуваа песните со кои растеле и ги одбележале најважните моменти во животот.
„Нема генерација што не пораснала со барем една песна на Владо.“

„Замина човекот што нè научи како звучи љубовта на македонски.“
„Вакви автори не се раѓаат често.“
Ова беа само дел од пораките што се ширеа низ интернетот во текот на денот.
„Евергрин“, „Ако не те сакам“, „Две души и месечина“, „Некогаш и негде“, „И тогаш некоја будала“, „Еден бакнеж“, „Дома си е дома“… За многумина тие не се само хитови, туку песни што ги следеле низ целиот живот – од првата љубов, преку свадбите, до тивките ноќни возења кога токму неговиот глас бил најдобро друштво.
Владо Јаневски беше еден од ретките домашни кантавтори чии песни успеаја да го надживеат времето. Роден во Скопје, дипломиран филолог, музичар што свиреше повеќе инструменти и автор на десетици безвременски композиции, тој остави неизбришлива трага не само на македонската, туку и на регионалната поп-сцена. Во 1998 година стана и првиот официјален претставник на независна Македонија на Евровизија со песната „Не зори зоро“. За многумина ова беше едно од најдостоинствените македонски претатавувања на Евросонг, со неговиот глас, држење и манири, остави незаборавен впечаток, а македонската публика се гордееше со својот претставник, без оглед на постигнатиот пласман.

Неговата музика никогаш не се потпираше на минливи трендови. Наместо тоа, носеше поезија, мелодија и искреност што не стареат. Затоа неговите песни ги сакаа и родителите и нивните деца – ретка привилегија што ја имаат само најголемите автори.
Во часовите по веста за неговата смрт, музиката на Владо Јаневски повторно одекнуваше во автомобилите, домовите, кафулињата и на радиостаниците. На социјалните мрежи многумина признаваа дека не можат да слушнат ниту една негова песна без да им се насолзат очите.
Можеби токму еден краток коментар, кој илјадници пати беше споделен, најдобро го опиша чувството што денес владее во Македонија:
„Луѓето си заминуваат, но има песни што одбиваат да остарат.“
Токму такво наследство остава Владо Јаневски – музика што ќе продолжи да живее долго откако ќе стивнат аплаузите. Затоа што големите уметници не исчезнуваат кога ќе заминат. Тие продолжуваат да живеат секогаш кога некој ќе ја пушти нивната песна.