ЗАГИНА И ПОЛИЦАЕЦ ВО ПОЖАРОТ Починаа 59 лица, повредени се 155

Загина и еден полицаец од полициската станица во Пробиштип, кој бил во дискотеката по претходно изготвен план за присуство на малолетници во дискотеката.

1,134

Педесет и девет лица загинаа во пожарот што се случи ноќеска во дискотеката „Пулс“ во Кочани, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Кочани.

Загина и еден полицаец од полициската станица во Пробиштип, кој бил во дискотеката по претходно изготвен план за следење на присуство на малолетници во дискотеката.






– Овој полицаец требало да биде награден за најдобар полицаец за територијата Пробиштип. Загина при вршење на контрола за евентуално откривање дрога и малолетници – рече Тошковски.

Триесет и пет од загинатите лица се идентификувани, од нив 31 се од Кочани, а 4 од Штип. Повредени се 155 лица кои се распоредени низ болниците во земјава.

Распишана е централна потерница по четворица.

– Од страна на МВР во координација со јавното обвинителство се постапува во овој момент и во Министерството за економија, од каде се обезбедува документација за предметната дискотека, како и лица поврзани со истата – изјави Тошковски.

Тој додаде дека во моментот се ангажирани специјалците, полицајците од форензика, хеликоптерската единица, од антитероризам, од криминалистичко разузнавање, криминалистичката полиција и други и се постапува во координација со Министерството за здравство и со Центарот за управување со кризи. Увидот го води тим од јавни обвинители, а одделот за форензика им асистира.

– Од страна на МВР се обезбедени болниците кадешто се сместени повредените и ќе бидат извршени разговори со сите контактибилни лица. Полицајци разговараа со десетина повредени кои се во скопските болници. Извршен е разговор со еден член на бендот ДНК – рече Тошковски.

Тој не можеше да сподели многу информации од истрагата, со цел да не биде загрозена и ја замоли јавноста за разбирање.

Рече дека се вклучени сите расположливи сили.

– Се анализира сè што може да биде поврзано со овој ужасен настан, градежно техничка докментација, услови за работа, лиценци, постапување и обезбедување за време на настанот. Во овој момент, не само од аспект на истрагата, туку и од аспект да им се помгне на повредените, премиерот е во комуникација со премиери и со претседатели на држави, сите изразија сочуство и понудија секаква поддршка. Правиме сè што можеме. Ве молам да ги примите информациите како што ги давам, за да не ја загрозиме истрагата – рече министерот.

Тој додаде дека сега се утврдува дали дел од повредените можат да бидат транспортирани во најмодерните здравствени установи во Европа.

Министерот истакна дека во овој момент не може да каже повеќе во врска со четирите лица, за кои е издадена потерница

– Чувствувам морална одговорност – додаде Тошковски на новинарско прашање.

 

Поврзани содржини