ГРАЃАНИТЕ НЕ СЕ ФРУСТРИРАНИ ОД СЕГАШНИОТ ЗАСТОЈ КОН ЕУ, ТУКУ ОД МИНАТИТЕ ПОНИЖУВАЊА Мицкоски ќе се бори за влез во Унијата, но со зачувуани национални интереси

Можеби ќе биде потребно и повеќе време за земјава да го надмине актуелниот застој во пристапувањето кон ЕУ, можеби една година, 2 години, 5 години или никогаш, не знам, ќе се борам со сета сила што ја имам, заедно со луѓето околу мене, но, не можам да ветам дека ќе се согласам на уставни измени што некој друг ги прифатил, без јасна гаранција дека тоа е последното барање и без јасно видлива цел, вели премиерот Христијан Мицкоски.

0

Владата ќе продолжи со реформите и со евроинтегративниот процес, но нема да прифати уставни измени без јасни гаранции дека тоа е последното барање на патот кон Европската Унија, го повтори премиерот Христијан Мицкоски ставот за евроинтеграциите на Македонија.

– Ќе се бориме, ќе спроведуваме реформи, ќе ја реализираме реформската агенда и ќе ги решаваме домашните проблеми. Тоа е она што можам да го ветам: жилава и бескомпромисна борба за подобар живот на граѓаните, а истовремено и за зачувување на националните интереси – истакна Мицкоски во гостување на Сител.






Осврнувајќи се на критиките дека Владата не успева да го деблокира европскиот пат на државата, премиерот оцени дека најголемата фрустрација кај граѓаните не произлегува од моменталниот застој, туку од, како што рече, долгогодишните понижувања и отстапки направени без очекувани резултати.

– Сметам дека фрустрацијата кај граѓаните е голема поради понижувањата што ги доживеавме изминативе години, би рекол и децении, како и поради националните отстапки што беа направени, а притоа не добивме ништо. Иако политичарите во минатото ветуваа чуда. Ни ветуваа дека ако смениме знаме, ако смениме Устав, ако смениме име и прифатиме сè што ќе се побара од нас, ќе имаме европско здравство, поквалитетно образование и подобар живот – рече тој.

Мицкоски нагласи дека не може да предвиди кога земјава ќе го надмине актуелниот застој во процесот на пристапување кон ЕУ, но вели дека Владата нема да се откаже од борбата за решавање на проблемот.

– Можеби ќе биде потребно и повеќе време. Не сум пророк за да ви кажам дали тоа ќе биде за една година, 2 години, 5 години или никогаш. Не знам. Но, можам да ви ветам дека ќе се борам со сета сила што ја имам, заедно со луѓето околу мене – вели премиерот.

Според него, во меѓувреме е променета и перцепцијата на европските партнери за македонските позиции, при што дел од високите европски функционери веќе разговараат за можни гаранции и за поинаков пристап кон спорот.

– Ако пред две-три години ни велеа дека сè е завршено и дека тоа е понудата на маса, денес дел од високите европски политичари велат: „Почекајте, да размислиме за гаранции. Да разгледаме поинаков пристап кон ова прашање“. Последните пораки од Брисел, вклучително и од претседателката Урсула фон дер Лајен, се дека Македонија е меѓу земјите што испорачуваат резултати и реформи. Тоа е она што можам да го ветам и што ќе продолжиме да го правиме. Но, не можам да ветам дека ќе се согласам на уставни измени што некој друг ги прифатил, без јасна гаранција дека тоа е последното барање и без јасно видлива цел. Тоа не можам да си го дозволам – нагласи премиерот.

Поврзани содржини