ВРЕМЕ Е БУГАРИЈА ДА ЈА ПРИЗНАЕ ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРЕИ Бугарски интелектуалци оддадоа почит на загинатите во Треблинка
Интелектуалците од Бугарија им порачаа на бугарските власти дека треба да се прифати вистината за бугарското учество во депортацијата и да се признае одговорноста.
Ние се сеќаваме, никогаш повеќе, порачаа днеска група бугарски интелектуалци од Клубот на македонско – бугарско пријателство, кои во Скопје им оддадоа почит на 7.000 депортирани македонски Евреи во логорот на смртта, Треблинка.
Тие им порачаа на бугарските власти дека треба да се прифати вистината за бугарското учество во депортацијата и да се признае одговорноста.
Интелектуалците од Бугарија денеска исто така положи цвеќе и пред гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата Св. Спас во пресрет на 4 мај, денот на неговата смрт.
Тие порачаа дека наместо омраза и меѓусебни обвинувања, треба да се градат мостови на пријателство и соработка.
Бугарскиот историчар Димитар Атанасов за ТВ Сител изјави дека се тука да го исполнат личниот морален долг и да им порачаат на бугарските институции да се прифати вистината и одговорноста.
– Ќе го исполниме својот личен морален долг, т.е. ќе се обидеме да направиме нешто кое бугарските институции одбиваат да го направат со децении. Нашата порака е многу едноставна, време е да се соочиме со историјата и да се сретнеме грешките очи в очи. Бидејќи историјата не е само низа од засладени случувања со кои се удираме во градите и објаснуваме колку сме големи. Историјата е се она што се случило, вклучително и големите неуспеси, вклучително и несупесите на бугарската власт, има такви. Време е бугарските институции да почнат да го признаваат тоа – изјави Атанасов.