СИЉАНОВСКА ДАВКОВА СО ЈАСНА ПОРАКА ДО ФОН ДЕР ЛАЈЕН Македонија заслужува да биде со најнапредните на патот кон ЕУ

Претседателката Сиљановска-Давкова побара Македонија да има еднакви можности со Украина и Молдавија и да се активираат механизмите предвидени со Преговарачката рамка, додека Фон дер Лајен порача дека местото на земјата е во ЕУ.

0

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на денешната средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изразила благодарност за растечкиот интерес и посветеност на Европската Унија кон регионот, посочувајќи го и нејзиниот личен придонес во забрзувањето на регионалните евроинтеграциски процеси.

Според Сиљановска Давкова, како што се наведува во соопштението по средбата, иако Македонија формално не е меѓу западнобалканските држави со најголем напредок, според двата клучни елементи – техничката подготвеност и геополитичката усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика – заслужува да биде со нив, наместо на споредна патека.






„Причината за македонското отсуство од друштвото на најуспешните, за неа е во давањето примат на наметнатиот билатерален спор пред Копенхашките критериуми“, се наведува во соопштението.

Претседателката изразила цврсто уверување дека гарантирањето исти можности за Македонија како оние што ги имаат Украина и Молдавија со сигурност би ја зајакнало институционалната подготвеност на земјата, а воедно би ја обновило довербата и мотивацијата за европеизација и би го забрзало реформскиот курс.

Сиљановска Давкова потсетила и на потребата да се одржи политичка Меѓувладина конференција, согласно новата методологија и Преговарачката рамка, како и редовен состанок на Советот за стабилизација и асоцијација.

Таа ја нагласила важноста од практикување на суштински и динамичен интеграциски процес, кој ќе резултира со видливи резултати за македонските граѓани.

Од друга страна, според соопштението, претседателката на Европската комисија истакнала дека местото на Македонија е во Европската Унија и дека Брисел ќе продолжи сестрано да ја поддржува земјата на реформскиот и евроинтеграцискиот пат, оценувајќи ги досегашните реформи како импресивни.

Фон дер Лајен, како што се наведува, укажала и на неопходноста од деблокирање на напредокот на Македонија кон ЕУ, во духот на европските вредности.

Таа изразила уверување дека македонско-бугарскиот спор може да се надмине преку интензивни и сестрани средби и дијалог, кои, како што е наведено во соопштението, треба да започнат што е можно поскоро.

Средбата меѓу Сиљановска Давкова и Фон дер Лајен се одржа во рамки на официјалната посета на претседателката на Европската комисија на Македонија на 2 октомври. Посетата е дел од нејзината регионална турнеја низ Западен Балкан, при што во Скопје таа остварува средби и со премиерот Христијан Мицкоски.

Поврзани содржини