МУЦУНСКИ ПОБАРА СРЕДБА СО БУГАРСКАТА МИНИСТЕРКА Разговорите би се одржале следната недела во Софија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија потврди дека е побарана средба меѓу Тимчо Муцунски и бугарската министерка Велислава Петрова-Чамова на маргините на состанокот за Коридорот 8.

0

Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија потврдија за МИА дека денеска е побарана средба меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, која би се одржала следната недела на маргините на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно, на заедничката прес-конференција во Скопје со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, одговарајќи на новинарско прашање како таа го прифатила неговиот предлог ЕУ да се вклучи во разговорите меѓу Македонија и Бугарија, рече дека таа го советувала како прв чекор да се побара официјална билатерална средба за време на посетата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на Софија следната недела.






– Па, еве, ќе се обидам да бидам конкретен на вашето прашање и ќе излезам од формалниот дипломатски речник. Од претседателката добив совет веќе следната недела, кога нашиот министер за надворешни работи и надворешна трговија ќе биде во Софија поради Коридорот 8 и проектите што ги движиме во рамките на тој коридор, да побараме од домаќинот средба на билатерална основа. Јас веднаш побарав од министерот да испрати дипломатска нота и да побара термин за средба и состанок со неговата колешка и да почнеме процесот од некаде да го движиме – рече Мицкоски.

Тој во обраќањето на заедничката прес-конференција нагласи дека со претседателката на Европската комисија отворено разговарале за предизвиците што ги има Македонија во односите со источниот сосед.

Мицкоски подвлече дека ако од државата се очекуваат одлуки со долгорочни последици, тогаш е оправдано да се очекува и јасна европска перспектива за она што следи.

Целта, како што посочи, не е одложување на процесот, туку создавање услови тој конечно да се движи напред на стабилна и одржлива основа.

Поврзани содржини