ВОДАТА ВО ГОСТИВАР СЕ СТАБИЛИЗИРА, НО СÈ УШТЕ НЕ Е ЗА ПИЕЊЕ Ангелов очекува одобрување од наредната недела

Кризниот штаб очекува водата во Гостивар наскоро да биде прогласена за исправна за пиење, но останува проблемот со недоволните количини во водоводниот систем.

0

Состојбата со водата во Гостивар постепено се стабилизира, бројот на бактерии е значително намален, но водата сè уште не е безбедна за пиење и подготовка на храна. Забраната за користење вода за овие намени останува во сила, а водата може да се употребува само како техничка вода.

Ова вечерва го изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и шеф на Кризниот штаб формиран од Владата, Стојанче Ангелов, кој посочи дека конечната одлука за исправноста на водата ќе ја донесе Агенцијата за храна и ветеринарство.






Ангелов во интервју за ТВ Канал 5 изрази очекување дека, доколку резултатите од анализите продолжат да бидат позитивни, водата најверојатно ќе може да се користи за пиење во текот на следната недела.

– Бројот на бактерии е значително намален. Сепак, водата сè уште не е микробиолошки исправна за пиење и готвење. Агенцијата за храна и ветеринарство е институцијата која ќе каже кога ќе бидат исполнети условите – рече Ангелов.

Тој објасни дека во јавноста дошло до недоразбирање околу присуството на бактерија во водоводниот систем. Според него, количината била многу мала, но доволна водата да не биде препорачлива за консумирање.

– Не станува збор за опасност граѓаните да ја користат како техничка вода. Проблемот е што за пиење мора да има целосна микробиолошка исправност – посочи Ангелов.

Тој додаде дека поради процесот на хиперхлорирање, кој трае подолг период, состојбата значително се подобрила. Сепак, потребно е во неколку последователни анализи, најмалку три дена, да нема присуство на бактерии.

По потврдувањето на микробиолошката исправност, ќе треба да се намали зголеменото количество хлор внесено намерно за уништување на бактериите, по што Агенцијата за храна и ветеринарство ќе даде конечна оценка дали водата може да се користи за пиење.

Ангелов посочи дека по решавањето на овој проблем, Гостивар се соочува со уште еден сериозен предизвик – недостигот на доволни количини вода во водоводниот систем.

– Сè започнува од овој проблем. Нема доволно вода во системот, поради што неколку лица од Водовод несреќно поставиле цевки во отворена вода за дополнување на градскиот водовод – рече Ангелов.

Тој смета дека треба да се утврди зошто водоводната мрежа во Гостивар не била реконструирана во изминатиот период.

Во однос на евентуалната одговорност за состојбата со водоснабдувањето, Ангелов изјави дека очекува институциите да утврдат дали има основа за кривични постапки.

– Повеќе од сигурно е дека ќе има одговорност. Јавното обвинителство треба да утврди дали постојат елементи за кривични пријави. Недозволиво е вакво однесување кога станува збор за систем кој е од витално значење за граѓаните – рече Ангелов.

Осврнувајќи се на пожарите во земјава, директорот на ДСЗ оцени дека бројот на пожари летово е сличен како во претходните години, но реакцијата на институциите е побрза и поефикасна.

– Од аспект на бројот на пожари, ситуацијата е слична како минатата или претходните години, но одговорот е многу подобар и побрз – рече тој.

Ангелов посочи дека Владата направила законски измени и подобрувања во ресурсите, а како особено важен фактор ги издвои ер-тракторите.

– За првпат по долго време, трите ер-трактори беа подготвени за дејствување со три пилоти уште на почетокот на сезоната, пред да започнат пожарите. Тие имаат клучна улога заедно со локалните пожарникари да се спречи ширење на огнот – изјави Ангелов.

Според него, навременото ангажирање на воздухопловите и брзата реакција на пожарникарите помогнале пожарите да се стават под контрола уште во почетната фаза, пред да зафатат поголеми површини и тешко пристапни терени.

Поврзани содржини