МАЛОЛЕТНИЦИ СÈ УШТЕ СО ТРОТИНЕТИ ПО УЛИЦИТЕ Полицијата казнува, но децата и понатаму ги кршат новите правила

И покрај забраната за лица под 18 години и високите казни, граѓаните велат дека малолетници и понатаму управуваат со електрични тротинети, особено во населбите.

0

Законот е во сила речиси еден месец, полицијата веќе изрекува казни, но малолетници и понатаму можат да се забележат како управуваат со електрични тротинети, иако тоа е забрането со новите измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Како што објави ТВ Алфа, и покрај новите правила со кои се забрани управување со електрични тротинети за лица помлади од 18 години, низ населбите и маалските улици сè уште може да се видат деца кои возат брзи електрични возила.






Граѓаните велат дека ситуацијата е различна во зависност од местото. На поголемите булевари и на локации каде што има почеста полициска контрола, малолетниците поретко се забележуваат, но во населбите, особено за време на летниот распуст, сликата во голема мера останала иста.

– Мислам да. Сега тука најмногу се движам, многу поретко ги има – вели еден граѓанка.

Други, пак, велат дека не забележуваат значително подобрување и дека сè уште има деца кои возат без заштитна опрема.

– Не гледам намалување. Ги гледам дури и по двајца како се возат. Кациги – ретко тоа го има. Воопшто не гледам. Дури не возат каде што им е обележано, туку каде што ќе им текне – посочува граѓанин.

Дел од граѓаните сметаат дека законот ќе има ефект само ако се применува подеднакво за сите.

– Отсекогаш кај нас за некого имало закон, а за некого немало закон. Додека не се спроведе за сите, ќе биде уште поголем хаос – велат тие.

Од друга страна, Министерството за внатрешни работи информира дека полициските контроли се засилени и дека само во првите денови од август се санкционирани повеќе од сто возачи на лесни електрични возила.

„Во периодот од 01.08.2026 до 06.08.2026 година на територија на цела држава санкционирани се вкупно 117 возачи на лесни електрични возила (тротинети). Од нив, 19 се на територија на СВР Скопје, 10 на подрачје на СВР Тетово, 21 во СВР Струмица, 6 во СВР Велес, 46 на територија на СВР Битола, 4 на подрачје на СВР Охрид, а на патиштата се санкционирани 11 возачи“, соопштија од МВР.

Новите измени на законот беа донесени по скратена постапка со двојно мнозинство, а предвидуваат строги правила за користење на електричните тротинети.

Максималната казна за прекршување на правилата може да достигне до 275 евра, зависно од видот на прекршокот, а предвидена е и можност за одземање на возилото.

Казни се изрекуваат за управување со тротинет од страна на лица помлади од 18 години, за возење без кацига, користење телефон при управување, како и за прекршување на ограничувањето на брзината од 20 километри на час.

Од МВР најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во следниот период.

Поврзани содржини