ВО 20 ЧАСОТ ЌЕ СЕ ЗАПЕЧАТИ КОВЧЕГОТ НА ПАПАТА Седум кардинали ќе сведочат на последниот обред во „Свети Петар“
Кардиналот Кевин Фарел ќе претседава со обредот на запечатување на ковчегот на покојниот папа Франциск, пред неговиот погреб утре изутрина.
Ковчегот на папата Франциск ќе биде запечатен за време на литургиски обред што ќе се одржи вечер во 20 часот во базиликата „Свети Петар“. Кардиналот Кевин Фарел ќе претседава со обредот на запечатување на ковчегот на покојниот папа Франциск, пред неговиот погреб утре изутрина.
На литургискиот обред ќе присуствуваат неколку кардинали и функционери на Светата Столица, објави Ватикан њуз. Тоа ќе го означи крајот на јавното изложување на телото на покојниот папа во базиликата „Свети Петар“, каде што десетици илјади луѓе му оддадоа почит.
Повеќе од 50.000 луѓе поминаа покрај исповедниот олтар во последните 24 часа откако ватиканската базилика се отвори за верниците завчера наутро. Базиликата „Свети Петар“ остана отворена до 5:30 часот вчера, затворајќи се еден и пол час пред повторно да се отвори во 7 часот наутро.
Канцеларијата за литургиски настани побара на обредот на запечатување да присуствуваат кардиналите Џовани Батиста Ре, Пјетро Паролин, Роџер Махони, Доменико Мамберти, Мауро Гамбети, Балдасар Реина и Конрад Крајевски.
Меѓу оние што ќе помогнат на церемонијата ќе бидат надбискупот Едгар Пења Пара, надбискупот Илсон де Хесус Монтанари и монсињор Леонардо Сапиенца, како и секретарите на покојниот папа.
Повеќе од 128.000 луѓе досега му оддале почит на папата
Повеќе од 128.000 луѓе од завчера наутро до денеска до 8 часот поминаа покрај ковчегот со телото на поглаварот на Римокатоличката црква, Франциск, во базиликата „Свети Петар“ во Рим, за да се збогуваат со него, соопшти Ватикан.
Од завчера во 11 часот до денеска во 8 часот, „повеќе од 128.000 луѓе дојдоа во базиликата „Свети Петар“ за да му оддадат последна почит на папата, чиј отворен ковчег е изложен пред главниот олтар на базиликата, се наведува во соопштението.
Папата Франциск почина на 21 април на 88-годишна возраст. Погребот ќе биде утре, а се очекуваат неколку стотици илјади верници, како и бројни лидери и високи официјални претставници кои ќе пристигнат од целиот свет.
Службата за протокол на Државниот секретаријат на Ватикан соопшти дека досега 130 делегации потврдиле дека ќе присуствуваат на погребот.
Според соопштението, меѓу присутните делегации ќе бидат околу 50 шефови на држави и 10 актуелни монарси, објави италијанската новинска агенција АНСА.